Берлускони ослободен од обвиненијата за подмитување

Италијански суд во четвртокот го ослободи поранешниот премиер Силвио Берлускони од обвиненијата за подмитување на сведоците во случајот за наводната малолетничка проституција од 2013 година, неколку седмици откако политичкиот ветеран повторни беше избран во италијанскиот парламент.

Берлускони беше обвинет дека наводно му платил на италијанскиот пејач Маријано Апичела 157.000 евра, за да лаже на второто судење на кое на поранешниот премиер му се судеше поради обвинение дека на 17-годишна мароканска танчарка во ноќен клуб ѝ дал пари во замена за сексуални услуги.

Берлускони, челник на десничарската партија Напред Италија (Forza Italia – FI) која ја поддржува новата влада на крајно десната премиерка Џорџ Мелони, и во тој случај беше ослободен од обвиненијата.

Апичела како пејач бил редовен гостин на „бунга бунга“ секс забавите на Берлускони, кои предизвикаа скандал кој придонесе за политичкиот пад на медиумскиот магнат во 2011 година и пад на неговата четврта влада.

Вчерашното судење во Рим е еден од трите поврзани случаи кои се одвиваат во различни италијански градови поради територијалните надлежности.

Во посебен случај, кој и натаму трае пред судот во Милано, Берлускони е обвинет дека потплатил 24 сведоци, главно млади гости на неговите вечерни забави. Обвинителите во мај побараа да му се одреди затворска казна во траење од шест години. Берлускони ги негира обвинувањата, а се очекува дека нема да биде донесена пред јануари 2023 година.

Судот во Сиена минатата година го ослободи Берлускони од обвинението дека наводно подмитил сведок кој присуствувал на неговите разуздани забави. Обвинителите се жалеа на пресудите, но сѐ уште не е одреден датумот за новото судење.