Годината што ја оставивме зад себе Македонската берза забележа намалување на пазарната капитализација, пад на прометот и на бројот на трансакции, покажува статистичкиот годишен билтен објавен на страницата на Македонска берза.
Минатата година пазарната капитализација се намали за 9,11 отсто и е на ниво од над 102 милијарди денари, прометот забележа остар пад од високи 42,24 отсто, додека намалување е забележано и во бројот на трансакции.
Анализирајќи го прометот по месеци, истиот има вкупна највисока вредност во декември или над 662 милиони денари, додека најтивок месец на Берзата бил август со вкупен промет од скромни 136 милиони денари.
Најтргувани акции од официјалниот пазар на Македонска берза се хартиите од вредност на „Комерцијална банка“ со 1.582 трансакции, потоа оние на фармацевтскиот гигант „Алкалоид“ со 1.686 и на трета позиција се акциите на „Фершпед“ со 194 трансакции.
Кога станува збор за акциите на официјалниот пазар, најголем пораст забележаа оние на „Фершпед“ со вкупен скок од над 328 отсто, по што нивната просечна цена на крајот на 2013-та година беше 175.651 денари. На вицешампионското место, според најголем пораст, се акциите на „Тутунски комбинат Прилеп“ со пораст на вредност од 233,33 отсто, додека на трето место се акциите на „Макпетрол“ со скок од 110,67 отсто.
Најголемо опаѓање забележаа акциите на „Охис“ кои што завршија во 72,31 отсто во негатива. Потоа следат акциите на „Жито Лукс“ со пад од 43,40 отсто, а на трето место се хартиите од вредност на „Топлификација“ со пад над 39,97 отсто.