![evropski berzi](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/07/evropski-berzi.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
На европските берзи се тргува претпазливо во петокот претпладнето, а индексите стагнираат додека инвеститорите го чекаат извештајот за работните места во САД, што би можело значително да влијае на насоката на пазарот.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше речиси непроменет од вчера во првиот дневен пресек на денешното тргување. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,04 отсто, на 8.315 поени, додека франкфуртски DAX зајакна за 0,02 отсто, на 20.325 поени, а париски CAC за 0,08 отсто, на 7.497 поени.
А на азиските берзи цените на акциите паднаа. Индексот на акциите на MSCI на азиско-пацифичките берзи беше намален за 0,4 отсто во истиот момент од тргувањето како и во Европа и е на пат да изгуби околу 1 отсто оваа седмица. Претпладнево индексот Nikkei на Токиската берза падна за околу 1 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија, Шангај и Хонгконг се лизнаа меѓу 0,2 и 1,3 отсто.
Берзите се претпазливи бидејќи попладнево ќе бидат објавени податоци за вработеноста во САД, што обично значително влијае на насоката на пазарот, бидејќи влијае на очекувањата во однос на каматните стапки на американската централна банка.
Во анкетата на Reuters, аналитичарите во просек очекуваат бројот на работни места да се зголеми за 160.000 во декември. Доколку бројката е поголема, тоа би можело да поттикне натамошен раст на приносите на американските обврзници и на курсот на доларот, што негативно би се одразило на пазарот на капитал, велат аналитичарите.
Поради ова, индексите на американските берзи моментално се во минус, што сигнализира претпазливо тргување на Волстрит додека не се објави извештајот за вработувањaта. Најголемата светска берза вчера беше затворена поради ден на жалост и погребот на поранешниот американски претседател Џими Картер.