На европските берзи цените на акциите паднаа за повеќе од 1 отсто во вторник во претладневното тргување, бидејќи инвеститорите стравуваат од ескалација на конфликтот на Блискиот исток, меѓу Иран и Израел.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции падна за повеќе од 1 процент во првиот дневен пресек од тргувањето и падна на најниско ниво во речиси шест седмици. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс се намали за 1,17 отсто, на 7.870 поени, додека франкфуртски DAX падна за 1,23 отсто, на 17.805 поени, а париски CAC за 1,29 отсто, на 7.940 поени.
Цените на акциите паднаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот дневен пресек како и во Европа беше на минус 1,8 отсто, лизгајќи се на најниското ниво во речиси два месеца. Во исто време, индексот Nikkei се лизна за речиси 2 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Шангај, Хонгконг, Австралија и Јужна Кореја паднаа меѓу 1,4 и 2,3 отсто.
Остриот пад на индексот втор ден по ред се должи, меѓу другото, и на тензиите на Блискиот исток, откако Иран во саботата вечерта лансираше серија беспилотни летала кон израелска територија, а Израел најави одмазда.
Инвеститорите беа разочарани и од вчерашниот пад на Волстрит. Dow Jones загуби 0,65 отсто, додека S&P 500 се лизна за 1,20, а Nasdaq индексот 1,79 отсто.
Покрај неизвесноста околу развојот на состојбите на Блискиот исток, инвеститорите не се склони кон поризични инвестиции и затоа што се појасно е дека американската централна банка нема да брза со намалување на каматните стапки бидејќи инфлацијата и натаму е висока.
Вчера беше објавено дека продажбата на мало во САД пораснала за 0,7 отсто месечно во март, што е значително над очекувањата на аналитичарите. Ова покажува дека потрошувачите не забавуваат и покрај повисоката инфлација и дека растот на потрошувачките цени може да продолжи. Како резултат на тоа, надежите на инвеститорите дека Fed ќе почне да ги намалува каматните стапки во јуни речиси целосно избледеа.