Опозициската партија од албанскиот кампус Движењето Беса, кое задно со Алијансата за Албанците на претседателските избори го поддржа кандидатот Блерим Река, во вторникот повика на излезност во вториот круг, но истовремено повикува и на распишување предвремени парламентарни избори.
Од Движењето Беса истакнуваат дека во изминатиот период се претставиле како „многу сериозен политички субјект“.
„Со транспарентен пристап во текот на процесот на движењето на Северна Македонија кон евро-атлантските структури, и имајќи предвид дека овој процес може да му се наштети, ако се создаде нова криза во претседателската институција на државата, Движењето Беса како еден од главните опозициски политички актери, апелира до сите гласачи на Движење Беса, односно албанските граѓани, да излезат на 5-ти мај и го остварат своето право на глас, почитувајќи ги нивните индивидуални верувања“, велат од Беса.
Истакнуваат дека потребно е на вториот круг во недела да се постигне изборен цензус и оти за Движењето Беса е важно да се избере претседател на земјата, бидејќи во спротивмо, како што оценуваат ќе се создаде нова институционална криза која ќе ја забавила интеграцијата на земјата во НАТО и во Европската унија.
Од Беса истакнуваат и дека резултатите од изборите од 21-ви април покажуваат дека владејачката ДУИ ги загубила позициите кај гласачите и бара итно распишување предвремени парламентарни избори.
„Поради делегитимирањето на албанскиот политички фактор во власта, без оглед на исходот на изборите на 5-ти мај, Движењето Беса од парламентарно мнозинство бара веднаш да се распишат предвремени парламентарни избори за политичката реалност на застапеноста на Албанците во Северна Македонија“, се наведува во соопштението на партијата.