БЕСА и Алијанса ја токмат коалицијата, ДУИ уверени во победа

Албанските партии во опозиција подготвени за предизборна тристрана коалиција. Алијанса за Албанците и Движењето БЕСА ги привршуваат разговорите за заеднички настап на предвремените избори договорени да се одржат на 12-ти април. Ја очекуваат и Алтернатива да им се придружи.

Од партијата предводена од Билал Касами велат дека целта на сите албански партии е формирање на предизборен фронт против владејачката ДУИ.

„Начелно сме во насока на оваа коалиција конкретно не сме разговарале со македонска партија за предизборна коалиција и нема да разговараме, постизборно зависно од резултатите така ќе течат разговорите за некое ново мнозинство“, вели пратеникот Фадил Зендели од БЕСА. 

Тековните разговори ги потврдуваат од Алијанса. Пратеникот Сурија Рушиди вели водат преговори околу формирање на коалиција пред изборите, а јавноста ќе биде информирана кога ќе биде постигнат финален договор. 

Алтернатива со резерва гледа на опцијата да влезе во коалиција со Движењето БЕСА, партијата од која произлезе опцијата сега предводена од Африм Гаши. 

„Ние сме убедени дека нема потреба од никакво проширување на коалицијата , бидејќи само ние во коалиција со Алијанса можеме позитивно да ја промениме политичката слика кај албанскиот електорат и да донесеме долгоочекувани промени во корист на сите граѓани во земјава“, велат од Алтернатива. 

Во ДУИ, чие симнување од власт е главна цел на коалиција меѓу партиите од албанскиот блок, велат дека им посакуваат среќа на своите политички ривали, но убеден се дека победат сепак ќе ја однесат интегративците. 

„Немаат друга цел од симување на ДУИ од власт, тоа го препознаваат граѓаните и го констатираат со жалење. Ние им посакуваме среќа и ги очекуваме по 12-ти април да ни ја честитаат победат“, вели пратеникот на ДУИ, Артан Груби. 

Во македонскиот блок засега не се водат разговори за предизборни коалиции меѓу поголемите политички партии. И во ВМРО ДПМНЕ и во СДСМ велат дека е рано за такви разговори.