БЕСА и ДПА влегуваат во Влада

Се конципира новата структура на Владата. По повеќемесечни преговори, новите коалициски партнери Африм Гаши и Мендух Тачи му подадоа рака на премиерот Зоран Заев.

Според неофицијални партиски извори, БЕСА на Гаши го добива Министерството за култура. Иако се шпекулира дека кандидат на партијата за министер е поранешниот пратеник и потпретседател Зекирија Ибраими, од БЕСА демантираат. Конечната одлука ќе биде донесена вечерва во партиските органи. За ДПА е договорено министерското место за странски инвестиции што се испразни по заминувањето на Рамиз Мерко. Тачи го предлага поранешниот пратеник Бардуљ Даути. Овие две партии ќе се вклучат и во прераспределбата на позициите заменик-министер и државен секретар. Заменичките места во министерствата за надворешни работи, за транспорт и врски и  за труд и социјала се празни уште од моментот кога Алијансата за албанците ја напушти Владата. За уште неколку се говори дека ќе бидат менувани.

Во претстојната реконструкција на Владата, можно е да дојде и до ротација на министерските позиции меѓу СДСМ и ДУИ. ДУИ е заинтересирана за образование и настојува да го замени за правда.

Со влегувањето на овие две партии во власта, парламентарното мнозинство ќе се зголеми за пет пратеници. Заев ќе може да смета на 67 гласа. За сега во опозиција остануваат двајца пратеници од крилото на БЕСА предводено од Билал Касами, кој ги напушти преговорите незадоволен што не му било понудено министерско место. Се шпекулираше дека уште неколку пратеници на опозициската коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ се двоумат за преминување во власта, но сега ова прашање се остава за понатаму.