Иљаз Кадриу бил прифатлив за БЕСА како претседателски кандидат кого го поддржува Алијансата за Албанците, дознава ТВ21 од своите неофицијални извори
Претседателските, според најавите, треба да бидат распишани во февруари, а да се одржат во април. Партиите на власта досега зборуваат за консензуален кандидат, прифатлив за македонската, но во прв ред за албанската заедница, но досега нема конкретни предлози
Телевизијата ТВ21 во вторникот вечерта објави дека од свои извори дознава оти е можно двете албански опозициски партии, Алијанса за Албанците и Движењето Беса да излезат со заеднички кандидат. Според овие информации, во оптек е името на Иљаз Кадриу, по предлог на здруженијата во дијаспората.
Кадриу е по потекло од околината на Кичево, а во моментов живее во Чикаго. Таму е потпретседател на „Сојузот на албанската дијаспора за Македонија“, здружение кое во последно време се залага и за обединување на албанската опозиција во Македонија.
„Подготвени сме да прифатиме кандидат кој ќе биде над партиска личност, било да е предложена од здруженијата во дијаспора, личност која ќе се залага за поголемо и сеопфатно обединување за застапеноста на Албанците во Македонија. Иљаз Кадриу е кандидат прифатлив за Движењето Беса“, пренесува ТВ21 повикувајќи се на неименуван соговорник од движењето.
Од Алијанса за Албанците пак, велат дека не ја отвориле темата за кандидат за шеф на државата, па затоа не дадоа конечен став – дали Иљаз Кадриу може да биде заеднички кандидат на Алијанса за Албанците и Беса.
„Сѐ уште немаме донесено одлука во врска со претседателските избори. Централното Раководство на Алијанса за Албанците, за оваа тема ќе разговара на наредниот состанок“, рекле од Алијанса за Албанците.