Да се тргне зборот „македонско“ за граѓаните Албанци во делот за државјанството е условот кој го поставува движењето БЕСА на Биљал Касами, потврдија во саботата од движењето ден по средбата на нивниот челник со премиерот Зоран Заев.
Владината служба за односи со јавноста во петокот вечерта по средбата на Заев и Касами во Владата најави уште една средба на соговорниците до вторник.
Собраниската седница која треба да заврши со гласање во последната фаза од уставните измени поврзани со Договорот од Преспа е закажана за 9-ти јануари. Заев во четвртокот изјави дека ќе стори сè да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка на уставните амандмани и најави дека покрај со Касами, ќе се сретне и со Зијадин Села од Алијансата за Албанците. Гласовите на БЕСА на Касами и на Алијансата за Албанците се неопходни за да го има потребно двотретинско мнозинство, односно 80 гласа.
„Во однос на државјанството, да се отстрани „македонско“ и за граѓаните Албанци и оние од дијаспората да се пишуваат етничките заедници како што се во Преамбулата. За овие две прашања не се преговара и без нивното реализирање нема да има гласови за уставните измени. Во вторник на ниво на групите ќе се разговара за правното формирање на барањата на Движењето Беса и доколку бидат прифатени од двете страни, ќе има позитивен исход“, велат од движењето Беса, објави ТВ21.
Освен овие два амандмана, Беса бара и измена на Членот 2 од 5-тиот амандман на Уставот со цел македонскиот и албанскиот јазик да фигурираат како службени јазици и Претседателот на државата да не може да блокира носење на закони, одбивајќи да ги потпише. И од партијата на Зијадин Села бараат реакција од премиерот Заев.
„Се надеваме дека премиерот Заев ќе се повика на разумот и ќе изнајде демократски капацитети во себе и во парламентарното мнозинство за да ги поддржи амандманите на албанската опозиција, кои не само што ќе го загарантираат мултиетничкиот концепт на земјава, туку ќе направат и сеопфатен Устав кој на еднаков начин ќе ги третира своите граѓани во политичкиот систем. За натамошните одлуки ќе одлучуваат партиските органи на Алијанса за Албанците“, велат од Алијанса за Албанците.