Бесими и Лорер: Се отвори патот за нов пристап во соработката меѓу Македонија и Бугарија

По завршувањето на состанокот на Работната група за економија, трговија и иновации на претставници на Македонија и Бугарија, преводени од македонскиот министер за финансии Фатмир Бесими и бугарскиот министер за иновации и раст Даниел Лорер, почна и практичната примена на новиот пристап во односите меѓу двете земји што го најавија премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков.

Министерот за финансии Бесими рече дека на оваа прва средба биле формирани четири економски комисии и била утврдена агендата на работната група. Делегациите од двете земји меѓу другото разговарале за теми од областите на иновациите, инвестициите, технолошкиот развој, усогласувањето на регулативата, новите инструменти за финансирање и поддршка на иновации, истражувања и развој.

„Она што е важно е да почне соработката на сличните институции од двете земји, како што се развојните банки на двете земји, македонскиот Фонд за иновации и бугарскиот Фонд на фондовите, Агенциите за поддршка на претприемништвото и слично“, рече Бесими на денешната прес конференција.

Во рамки на меѓусебната економска соработка министерот Лорер најави формирање на механизам за недискриминација при инвестирање. Тој појасни дека идејата на овој механизам е да има транспарентност на инвестициите, односно доколку се појават проблеми со дискриминација на инвеститори од другата земја за тоа бргу да се дознае на највисоко државно ниво и проблемот да се реши побрзо.

„Приоритетите за Бугарија и Македонија се прилично слични. Сакаме агенциите и бизнисмените да почнат меѓусебно да соработуваат, а не соработката да се одвива само на ниво на влда и министерства“, рече Лорер.

Зајакнувањето на практичната соработка во сфери кои се важни за секојдневниот живот на граѓаните на двете држави како начин за топење на мразот околу потешките прашања е нешто што Ковачевски и Петков го промовираа и во Скопје и во Софија, на меѓувладината седница, а тоа треба да доведе до компромис за спорот и отстранување на бугарското вето за почеток на преговортеи на Македонија со Европската унија.