Бесими: Најверојатно ќе имаме нови проекции за повисок раст на БДП во 2021 година

Годинава проектиравме раст од 4,1 процент и просечен годишен раст од 5,4 проценти за наредните пет години. Следејќи ги позитивните економски трендови во текот на годинава  вклучително и третиот квартал, најверојатно ќе имаме нови проекции за повисок раст на БДП за 2021 година, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

Со цел да осигуриме дека ова нема да остане само желба, наведува во колумна Бесими, подготвивме План за финансирање на економското заздравување и забрзување на растот, а притоа и одржување на фискалната стабилност преку мобилизација на капиталот од приватниот сектор, како дополнување на предвидените средства од Буџетот. Истовремено фокусирани сме на фискална консолидација на среден рок преку намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг и нивно сведување на ниво од 3 проценти и 60 проценти, респективно, како дел од БДП.

На пандемијата што го зафати светот, а големо влијание имаше и на нашата земја, посочува министерот, одговоривме со мерки за борба против Ковид, за заштита на животите и спасување на економијата. Затоа, минатата година одвоивме фискален стимул во вкупна вредност од 11 отсто од БДП преку различни мерки за здравствениот сектор, ранливите категории граѓани, заштита на работните места, помош за бизнисите за да ја преживеат кризата. На тој начин, успеавме да го ублажиме падот на БДП за 4,2 процентни поени, кој инаку би достигнал 8,7 отсто. Според официјалните извештај од Државниот завод за статистика вториот квартал БДП бележи раст од 13,1 проценти во однос на истиот период од минатата година, а со тоа и првпат растот се покачи над нултата во позитивна зона и тоа по четири последователни квартали со негативни стапки на раст на БДП, со што методолошки гледано и официјално економската криза заврши, пишува Бесими во колумната за финансискиот форум – СЕФФ 2021: Економско заздравување и забрзување на растот по Ковид.