Бесими: Нема да има зголемување на платите на функционерите во 2024

Министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес-конференција за отчетот за сработеното во минатата година, како одговор на новинарско прашање, рече дека во 2024 не се предвидени дополнителни средства во буџетот за зголемување на плати на функционерите.

Според Бесими, оваа година платите на функционерите нема да се усогласуваат со зголемувањето на просечната плата, а тоа, иако штуро, го објасни со законски интервенции.

Платите на функционерите минатата година со интервенција на Уставниот суд се зголемија за 78 отсто, а оваа година основата за зголемување на нивните доходи ќе биде уште поголема, бидејќи се очекува раст на просечната плата во Македонија на годишно ниво.

– Нема пари во Буџетот за зголемување на платите на функционерите во 2024. Тоа е одраз на политиката што ја најави Владата дека ќе има законски интервенции тоа да не се случи во 2024. Дополнително зголемување во однос на 2023 нема да има, рече министерот.