Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во емисијата „Економски магазин“ на Алсат ТВ синоќа рече дека за време на пандемиската криза земјата го зголемила долгот за милијарда евра.
Ова министерот го одговори во контекст на најавите дека ќе има даночни реформи во персоналниот данок, данокот на добивка, акцизите и ДДВ.
Ако зборуваме за Ковид, знаеме дека во тоа време не беше важно колку, туку беше важно да најдеш финансирање за да ја одржиш жива економијата. Кога хибернираше целата економија, имавме зголемување од 1 милијарда на јавниот долг. Тоа го направија сите земји во светот. Тоа беа препораки на ММФ, СБ, и тие дадоа нови инструменти, рече Бесими.
Министерот избегна да одговори каков е ефектот од ова задолжување и додаде дека во првата половина од 2022 повеќе од 300 милиони евра биле потрошени за увоз на енергија и енергетски суровини и тоа довело до притисок на буџетот.
Бесими додаде дека во моментов нема притисоци, формални и неформални, за повторно одложување на прогресивниот данок, кој треба да стапи на сила од 1 јануари 2023.