-Антикризните мерки ќе ги следат економските движења, а се очекува најголем дел од нив да бидат активни во четвртиот квартал од годината. Ќе има мерки и за граѓаните, и за фирмите, и за стабилизирање на цените на храната. Ќе се задржи фискален простор и ќе се осигура одржувањето на макроекономската стабилност, пишува во својата колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
„ Со ребалансот се обезбедени дополнителни 19 милијарди денари насочени кон повеќе категории и цели. Околу една четвртина од нив се резерва за нови мерки. Обезбедени се дополнителни средства за земјоделците за домашното производство, а со тоа и поповолно дејствување врз цените на храната. За најранливите категории на граѓани, обезбедени се дополнителни средства за поддршка за справување со ценовните шокови, а се предвидуваат и средства за покачување на пензиите – системски, согласно растот на платите и трошоците за живот. Во ребалансот има дополнителни средства и за компаниите за субвенционирање на покачување на платите, како и програми за поддршка на инвестиции”, пишува Бесими.
Според него, надвор од буџетот, се и поволните заеми од Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 100 милиони евра за ликвидноста на ЕСМ, со кои се субвенционираат сметките на домаќинствата. Достапни се и средства од ЕИБ во износ од 100 милиони евра за поддршка на стопанството со поволни и бескаматни кредити, на кои преку моделот на Планот за забрзан раст ќе се приклучат и комерцијалните банки со дополнителни 100-200 милиони евра. Бесими посочува и дека и покрај кризата, се задржува високата развојна компонента на буџетот со 32,1 милијарда денари капитални инвестиции, кои и покрај надолната корекција со ребалансот се на највисокото историско ниво досега