Бесмира Ејупи добивала хонорари и од „Железници“?

На листата државни институции од кои несудената конзулка Бесмира Ејупи добивала хонорари се додава уште една: ЈП „Железници – инфрастуктура“, објави Алсат-М.

Покрај тоа што истовремено добила 12.000 евра од 4 општини и Државното правобранителство, Ејупи од 11 мај 2021 година до 16 август 2022 од Владата била поставена и во Надзорниот одбор на Јавното претпријатие „Железници – инфраструктура“, објави телевизијата.

Алсат дознава и дека Ејупи како член на Надзорниот одбор на ова јавно претпријатие со задоцнување го доставила Анкетниот лист до Антикорупциската комисија и за тоа платила и парична казна, по што доставила комплетен анкетен лист.

Иако во јуни Антикорупциската комисија покрена иницијатива за кривична одговорност за четворица градоначалници и иницијатива за морална одговорност за државниот правобранител, кој во истиот период ја ангажирал Ејупи, нејзината соработка со Државното правобранителство продолжила и тоа може да се види и на страницата „Отворени финансии“, каде последната уплата за Ејупи била регистрирана на 5 август.

Од друга страна, МНР и понатаму молчи за информациите кои кружат во јавноста за Бесмира Ејупи. Од МНР ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат информацијата дека таа од неодамна работи кај нив.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, изјави дека ќе бара министерот Бујар Османи во Собранието, во Комисијата за надворешна политика, да појасни за случајот со Ејупи.

Случајот со Бесмира Ејупи стана актуелен кога беше предложена за конзул во Њујорк, а во исто време наводно била на платен список и од Државниот правобранител, од Општина Сарај, Општина Чаир, Општина Брвеница и Општина Петровец.