За жал дури и денеска на Илинден, на територијата беснеат девет пожари на отворено и шумски пожари, кажа директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов попладнево.
Еден од најтешките пожари е на Осоговските планини, којшто беснее на територијата на Општина Пробиштип, во атарот на селото Зеленград. Овој пожар се одвива на исклучително недостапен терен.
„Овој пожар се одвива на исклучително тешко пристапен терен и повеќе денови ни задава главоболка, иако дејствувавме во повеќе наврати во воздухоплови, дејствувавме и од земја. Денеска одлучивме да го нападнеме со концентриран број на хелихоптери. Во текот на утрово, но и во остатокот на денот овде ќе делуваме со осум хелихоптери – 3 македонски (2 армиски и 1 полициски), 1 српски, 2 унгарски, 1 словенечки и 1 чешки“,кажа Ангелов.
Тежок пожар има и во атарот на селата Тажево и Брезница, кон Јасен, кој се одвива неколку дена на тешко пристапен терен.
„Овде утрово го испративме да дејствува полицискиот хелихоптер, но и тимот од Унгарија кој пристигна како помош од странство со ЕУ механизмот, составен од 46 искусни пожарникари, од кои некои користат специјални возила со кои можат да се пробијат на најтешко пристапните места. Истотака од земја гасат и 50 припадници на Армијата со поддршка на локални пожарникари и месно население“, вели Ангелов.
Предмалку избил пожар и во Охрид во атарот на селото Косел, којшто има опасност да влезе во борова шума, поради што ЦУК таму пренасочиле еден хелихоптер.
Тешко оди гасењето и на Илинска планина, иако го гасат ертрактори, а се интервенира и од земја.
Во Пробиштип има уште пожар, кадешто дејствува Армијата со локалното население.
Во Пласница огнот е ставен во контрола, а пожарот во борова шума во Пехчево утрово е под целосно контрола и се работи на догаснување на огнените точки.
Пожари има и на територијата на Скопје – во Зелениково и Љубанци.
„Планот којшто го изготвуваме за употреба на леталата, странската помош и домашните сили е еластичен и го прилагодуваме на моменталната состојба. За жал ова лето имаме рекорден број на пожари“, вели Ангелов.