Бесплатен влез и активности низ целата земја на Меѓународниот ден на музеите

„Музеи, одржливост и благосостојба“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај. Како што е најавено, музеите во земјава традиционално ќе ги отворат своите врати и ќе овозможат бесплатен влез за посетителите.

Од Министерството за култура информираат дека во музеите денеска ќе бидат поставени изложби, ќе се организираат промоции, работилници и разни едукативни активности, со цел да се доближи движното културно наследство до што поголем дел од јавноста.

Овој датум, музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.

-Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во промоцијата на одржливост и благосостојба, можат да инспирираат, да образоваат и да иницираат позитивни промени во различни аспекти на животот за сите нас. Постојат многу начини за музеите да придонесат за постигнување на целите за одржлив развој: од поддршка на климатските активности и поттикнување на инклузивноста, до справување со социјалната изолација и подобрување на менталното здравје, соопштија од Министерството за култура.

Меѓународниот ден на музеите се одбележува на 18 мај – датум избран на Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ во 1977 година во Москва. Целта на одбележувањето е да се насочи вниманието на јавноста од целиот свет кон музејската дејност.