Бесплатна телефонска линија за повреда на избирачкото право

Бесплатната телефонска линија 0800-54321 сите граѓани ќе можат да пријават било каква повреда на избирачкото право. Линијата ќе биде отворена утре во период од седум до 19 часот, односно за време на првиот круг од претседателските избори во Македонија.

Седум канцеларии на Народниот правобранител ќе бидат отворени во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.

Покрај лично во канцелариите, како и на бесплатната линија, граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на телефонските броеви: Тетово 044 344-082, Струмица 034 329- 996, Кичево 045 228-586, Битола 047 242-310, Штип 032 389-701 и Куманово 031 431-488.

Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од страна на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права.

Народниот правобранител потенцира дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Никој не смее, се наведува во соопштението, да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, поради што не случајно повредата на слободата на определувањето на избирачите како и други повреди на избирачкото право се казниви дела.