Вкупно 2.000 млади лица од денеска може да аплицираат за бесплатни обуки за компјутерски вештини и за странски јазици. Ова е една од новите мерки за млади што беа најавени од страна на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски.
Од денес се распишува оглас за обука за странски јазици за 1.000 млади лица до 29 години и исто така оглас за обука за компјутерски вештини за уште 1.000 млади лица.
Би сакал да ги поттикнам сите млади лица кои што сакаат да ги подобрат своите вештини да аплицираат на објавените огласи, да ја искористат оваа шанса бидејќи се поголем број на работодавачи во Република Македонија, или пак најголемиот број од нив при изборот на оние лица што понатаму ќе ги ангажираат или пак ќе ги вработат, бараат тие да имаат основни познавања за компјутерски вештини и за странски јазици, посочи заменик- министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Тој појасни дека обуката за странски јазици опфаќа обука од почетно, средно или пак напредно ниво, може да биде за англиски, француски или германски јазик на целата територија на РМ во сертифицирани обучувачки центри. Обуката за компјутерски вештини е за Мајкрософт Офис пакетот (Ворд, Ексел, Поверпоинт итн.).
За реализација на оваа мерка, како што посочи Спасов, се обезбедени над 12 милиони денари, а се планира да бидат опфатени 2.000 лица.
Лицата треба да имаат завршено минимум средно образование. Исто така, предуслов за учество е лицата да бидат евидентирани како активни невработени лица. Доколку не се евидентирани, лицата би требало да се јават во центрите и да се евидентираат.
Кај лицата со средно образование единствен критериум социјалниот статус, односно семејните приходи, додека за лицата со високо образование, покрај социјалниот статус како критериум ќе се зема и рангирањето на Универзитетот каде што го завршиле образованието врз основа на Шангајската листа.
Груевски: Секоја година ќе бидат вклучени по 2.000 лица во обуките
Овој проект што е во насока на подобрување на стандардот и вештините на младите лица беше најавен кон крајот на минатиот месец од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Во насока на зголемување на конкурентноста на пазарот на трудот, млади лица до 29 години ќе имаат можност за посета на обуки за познавање на компјутерски вештини и странски јазици, со што ќе им се помогне на младите за стекнување на соодветни знаења, потребни за воведување во работниот процес. Овој проект предвидува секоја година, почнувајќи од март 2016 година, 2.000 млади лица на возраст до 29 години да бидат вклучени во обуките и тоа 1.000 лица за компјутерски и исто толку за јазични вештини, изучувајќи ги светските јазици кои се најпотребни во моментот на пазарот на труд, односно англиски, германски и француски, ширум територијата на Република Македонија. Ќе постојат три нивоа на изучување на јазиците и тоа почетен, среден и напреден. За таа цел кон крајот на февруари оваа година ќе биде распишан јавен повик преку АВРМ со цел да се пријават заинтересираните кандидати, додека селекција на кандидатите ќе биде по принципот успех на студии согласно ранг на универзитетот, 35 бода и социјален статус кој ќе носи и до 65 бода. А за младите кои не студираат, ќе се земе во обзир само социјалниот статус, сметајќи го вкупниот приход во семејството на годишно ниво. Со оваа мерка им се помага на младите да се стекнат со вештини и знаења потребни и барани на пазарот на трудот. Покрај активните мерки за вработување кои се нудат преку Агенцијата за вработување на Република Македонија, ова ќе биде можност плус за оваа категорија на граѓани. Значи секоја година по 2.000 лица, за 4 годишен мандат 8.000 лица, истакна тој.
Груевски потенцираше дека е можно и проширување доколку се јави сериозна потреба за тоа.