
Бесплатни превентивни прегледи и совети за заштита од топлотните бранови летово организираат ЈЗУ Здравствен дом на Скопје и општина Аеродром. Акциите ќе се спроведуваат од 18:30 до 21:30 часот на различни локации.
Првите прегледи ќе се извршат утре во паркот со езерата, а на 19 јули во паркот „Јане Сандански“. Во паркот „Аеродром“ ќе има бесплатни прегледи на 24 јули, а на 29 јули во паркот со езерата.
Акција за бесплатни превентивни прегледи за граѓаните од топлото време ќе се организираат и во текот на август, а ја спроведуваат медицински екипи од ЈЗУ „Здравствен дом на Скопје“ во рамки на програмските активности на Министерството за здравство.
Според општите препораки за полесно справување со високите температури, пожелно е граѓаните да консумираат здрава и свежа храна, да пијат повеќе вода, да носат лесна и светла облека и да не се излегува непотребно надвор во период од 11 до 17 часот.