И оваа година Општина Кисела Вода излегува со сет мерки за поддршка на основците и нивните семејства. Сите запишани првачиња ќе добијат бесплатен ранец со тетратки и прибор, а за младите спортисти и децата од социјален ризик, е обезбеден летен спортско едукативен камп.
-Грижата за нашите деца е секогаш поставена највисоко во листата приоритети што во овој тригодишен период сме го покажале преку многубројни проекти. Сакам да упатам апел до родителите кои годинава имаат провоодделенец да не купуваат чанти и ранци, прибор и тетратки, бидејќи тие им се обезбедени бесплатно преку нашиот проект “Ранче за секое прваче”. Сметам дека ова е значајна поддршка која на сите нив ќе им овозможи безгрижно и со радост да го дочекаат први септември. Воедно, сакам да информирам дека групите сочинети од спортисти од спортските клубови од општината со младински категории и основците од социјален ризик кон средината на август заминуваат бесплатно во Охрид. На брегот на езерото, цела седмица тие сите заедно ќе се рекреираат, ќе спортуваат и дружат во рамки на летниот спортско едукативен камп. На овој начин покрај промовирање на спортот и здравиот начин на живот, ги промовираме и еднаквите можности за сите деца без разлика на нивната финансиска состојба. Сетот мерки за поддршка не завршува тука. Преку бројни проекти ќе продолжиме да ги унапредуваме условите, што е наша обврска, но и големо задоволство-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.