Бетис победи на гостувањето во Сан Себастијан, Реал дома ремизираше со Жирона

Фудбалерите на Реал Бетис во последниот дуел од 12-то коло на шпанското првенство на гостувањето во Сан Себастијан со 2:0 го поразија Реал Сосиедад.

Гостите ги освоија трите бода во финишот на средбата, со головите во 86 минута на Хуан Круз и на Борха Иглесијас во третата минута од судиското продолжение на натпреварот.

Со победата Бетис бодовно се израмни со третопласираниот Атлетико Мадрид со по 23 бодови, а Реал Сосиедад сега е потиснат на петтото место со бод помалку. Во водство е Реал Мадрид со 32 бодови, еден повеќе од втората Барселона.

Атлетик Билбао на својот стадион „Сан Мамеш“ го совлада Вилјаеал со 1:0, а за шестата победа на Баскијците заслужен е Инаку Вилијамс кој во 59 минута го постигне единствениот гол//

Атлетик со 21 бод скокна на шестата позиција на табелата, а Вилјареал со 18 бодови остана на осмото место.

Вторпат сезонава актуелниот шпански и европски првак Реал Мадрид не успеа да победи и одигра 1:1 пред своите навивачи против аутсајдерот каталонска Жирона.

Домашните поведоа во 70 минута кога на асистенција од Федерико Валверде топката во мрежата ја испрати Винисиус Жуниор. Жирона израмни во 80 минута од пенал, откако судијата Мелеро Лопез го досуди по прегледување на снимката и заклучи дека Марко Асенсио играл со рака во својот шеснаесетник. Прецизен од белата точка беше Кристијан Стуани.

Реал крајот на дуелот го дочека со десет играчи во поле, откако во втората минута од судиското продолжение Тони Крос го заработи вториот жолт картон. Жирона сега е 16-та со 10 бодови, колку што имаат и Хетафе, Севилја и Кадиз кои се во зоната на испаѓање.

Осасуна на домашен терен го победи Вајадолид со 2.0, со два погодока постигнати во интервал од пет минути. Прво во 13 минута пенал реализираше Езекиел Авиља а во 19-та погоди од игра Мој Гомез.

Осасуна со 20 бодови се искачи на седмото место, а Вајадолид остана 11-ти со 14 бодови.