Бетонска џунгла со 17-катници ќе никне во Ѓорче Петров

Над 700 згради со 17 ката дозволена висина ќе може да се градат во населбата Ѓорче Петров на локацијата Јурија Дексион, изгласа вчера Советот на општината со 12 гласови ЗА. Со ДУП-от СЗ 24, донесен без јавно изложување и јавна анкета, се даде дозвола за изградба на станбени згради со бруто развиена површина за домување од 90544 м2 или 19000 м2 во основа.

Со изгласувањето на овој детален урбанистички план, Јурија во Дексион ќе се претвори во бетонска џунгла, на сметка на големи зелени површини.

Оваа одлука особено оди во корист на градежните компании, бидејќи на локацијата се предвидуваат згради со висина од 58 метри, или 17-катници

„Ова ќе ја измени комплетно демографската слика на тој дел од Ѓорче Петров, ќе го наруши комодитетот на живеење, како и ќе создаде огромен проблем со новите возила и потребите за живеење на тие жители (градинки, училишта).
Се прашуваме дали има елементарна свест во надлежните во општината и кај Градоначалникот Aleksandar Naumoski, со кој ум прават вакви потези кој нема да донесат ништо добро на граѓаните на овој дел од општината ?

Со овој 58 МЕТАРСКИ, 17 КАТЕН ЅИД комплетно ќе запре струењето на воздухот од састав и овој дел ќе добие значително на загадување и зголемување на температурата !

Крајно време е да престане да се прави УРБАНО ПРОФИТЕРСТВО на сметка на здравјето на граѓаните !

ГИ ЗАМОЛУВАМЕ НАДЛЕЖНИТЕ ВО НАЈБРЗ МОЖЕН РОК ДА ЈА ПРЕИСПИТААТ ОВАА ОДЛУКА И ДА ГИ ИЗБЕРАТ ПОТРЕБИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ, ВО СПРОТИВНО ЌЕ СЕ БЛОКИРА ГЛАВНАТА УЛИЦА ДО РЕШАВАЊЕТО НА ОВОЈ ПРОБЛЕМ!“, стои на Фејбук страницата Ѓорче Петров.

Оваа локација досега повеќе пати беше градежна „мета“, а своевремено, тогашната Влада предводена од Бранко Црвенковски и СДСМ, во февруари 1993 година имаше план таму да изгради кампови за бегалците од Босна и Херцеговина, за што граѓаните на Ѓорче Петров протестираа. Во овие протести полицијата интервенираше со употреба на сила, а во мај 1993 година, Уставниот суд донесе одлука за поништување на Одлуката за утврдување локација за изградба на камп за прифаќање бегалци од Република БиХ.