![Pojas Gaza](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/04/Globe-Po-as-Gaza.jpg?resize=696%2C389&ssl=1)
Нема договор во преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа што се одржаа во неделата во егииептската престолнина Каиро, при што ниту палестинското вооружено движење Хамас, ниту Израел не се согласија на неколку компромиси презентирани од посредници, изјавија за Reutesс два египетски безбедносни изворa.
Засега се минимални изгледите за успех на преговорите кои се водат со поддршка на САД за да се стави крај на десетмесечната војна.
Повеќемесечните преговори не успеаја да постигнат договор за завршување на разорната воена инвазија на Израел во палестинската енклава Појасот Газа или за ослободување на преостанатите заложници заробени од Хамас во нападот на милитантната група врз Израел на 7 октомври.
Говорејќи на прес-конференција во канадски Халифакс, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан рече дека Вашингтон сè уште работи „трескавично“ во Каиро со египетските и катарските посредници, како и со Израелците, за да се постигне договор за прекин на огнот и заложници.
Клучните точки на спор во тековните разговори, со посредство на САД, Египет и Катар, го вклучуваат присуството на Израел во таканаречениот коридор Филаделфија, тесен дел од 14,5 километри долж јужната граница на Газа со Египет.
Посредниците претставија голем број алтернативи за присуството на израелските сили во коридорот „Филаделфија“ и коридорот „Нецарим“ што се пробива низ средината на Појасот Газа, но страните не прифатија ниту една од нив, велат египетски извори.
Израел, исто така, изрази резервираност во однос на барањето за ослободување на неколку палестински затвореници што ги бара Хамас.
Хамас истакна дека Израел се откажал од својата заложба да ги повлече војниците од Коридорот со претставување на нови услови, вклучително и проверка на раселените Палестинци додека се враќаат во погусто населениот север на енклавата.
„Нема да прифатиме дискусии за повлекување од она што го договоривме на 2 јули или нови услови“, изјави функционерот на Хамас Осама Хамдан за телевизијата Al-Aqsa којашто ја контролира движењето. Хамдан, исто така, нагласи дека Хамас го доставил својот одговор на последниот предлог до посредниците, велејќи дека американските говори за неизбежен договор се лажни.
Во јули Хамас го прифати американскиот предлог да започне разговори за ослободување на израелските заложници, вклучително и војници и мажи, 16 дена по првата фаза од договорот чија цел е да се стави крај на војната во Газа, изјави за Reuters висок извор од Хамас.
Делегација на Хамас го напушти Каиро во неделата по разговорите со посредниците, рече високиот функционер Изат Ел-Решик, додавајќи дека групата го повторила своето барање секој договор да вклучува траен прекин на огнот и целосно израелско повлекување од Газа.