
Западен Балкан е главен приоритет за Европската комисија. Иднината на регионот е во Европската унија. Разговаравме како да го унапредиме проширувањето со отварање пристапни преговори за Македонија и Албанија, напиша во средата на Twitter еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји по средбата со премиерот Зоран Заев во Скопје.
„Среќен сум повторно да го посетам Скопје за сеопфатни разговори со премиерот Зоран Заев. Се согласивме брзо да почнеме да ги спроведеме првите најважни проекти од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, со цел да го поттикнеме економскиот развој во Северна Македонија и регионот во ЕУ“, напиша Вархеји .
Во исто време и премиерот Заев на Twiter објави дека се сретнал со Вархеји, со кого, како што напиша, отворено разговарале за неколку теми како што е економскиот инвестициски план, кој е навистина силен позитивен импулс за нас, до конкретни проекти кои ќе бидат објавени до крајот на годината.
Со твит по средбата се огласи и премиерот Зоран Заев, кој напиша дека „една од темите на разговор со Вархеји, беа и подготовките за претстојниот самит за западен Балкан во Словенија, следната седмица. Европскиот пат е важен за двете страни. За Македонија и за Европската унија. Посветени сме на тој процес“.
„Една од темите на разговор ни беа и подготовките кои ни претходат за претстојниот самит Западен Балкан во Словенија следната недела каде ќе имаме одличен простор за заедничка дискусија. Европскиот пат е важен за двете страни и за Северна Македонија и за ЕУ и посветени сме на тој процес“, напиша премиерот Заев.
Така, посетата на еврокомесарот за проширување и добрососедство Оливер Вархеји на Скопје мина во молк, далеку од очите на јавноста и медиумите и без официјални најави за активностите. Преку социјалните медиуми јавноста дозна дека се сретнал со премиерот Зоран Заев, а имаше некакви најави и за средби со претседателот Стево Пендаровски, со спикерот Талат Џафери и со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски
Вархеји минатата седмица престојуваше во Софија, на разговори за одблокирање на македонските преговори за членство во унијата. Следната среда, на 6-ти октомври е закажан Самит на унијата за западен Балкан, на кој домаќин е словенечкото претседателство со ЕУ.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за „Слободен печат“ претходно изјави дека посетата на Вархеји на Скопје е поврзана со посетата што ја имаше пред неколку дена во Софија.
Од Европската комисија пред посетата на Вархеји на Скопје посочија дека еврокомесарот е во комуникација со сите релевантни страни во однос на дискусијата за почеток на преговорите со Македонија и Албанија што е можно поскоро.
Посетата на Вархеји на Скопје следува еден ден по посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која на разговорите со властите во земјава, исто така, разговараше и за прашањето со Бугарија и неговото надминување. Таа изрази уверување дека е можно надминување на блокадата од Софија и одржување на првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија до крајот на годинава.
Властите во Скопје и понатаму се оптимисти дека ќе се најде решение со Бугарија. Кај нашиот источен сосед во ноември ќе има нови, трети по ред предвремени парламентарни избори од кои се очекува да се формира политичка влада. Османи вели дека останува надежта за 2-3 недели во декември пред крајот на словенечкото претседателство и почетокот на француското.
Владата не ги коментира вчерашните информации објавени од агенцијата Reuters. Според пишувањата, на самитот на 6-ti октомври меѓу ЕУ и z\ападен Балкан, во ЕУ сè уште не била постигната согласност да се повтори ветувањето кое е старо веќе 18 години, а тоа е дека се дава јасна поддршка за европската перспектива на Западен Балкан. Според агенцијата, која имала увид во нацрт-декларацијата, предлогот минал најмалку две рунди преговори, но без договор меѓу земјите-членки.
Земјите на ЕУ, пишува Reuters нема да ги откријат своите позиции, но богатите северни земји како Данска, Франција и Холандија се плашат од повторување на брзото пристапување на Романија и Бугарија во 2007 година и лошото справување со емиграцијата и работниците од Источна Европа во Велика Британија што доведе многу Британци да се против ЕУ. Ројтерс, повикувајќи се на дипломатски извори, вели дека ЕУ индиректно ги влошува тензиите во регионот каде живеат 20 милиони луѓе