Во последниот натпревар во неделата и воедно дерби на петтото коло на шпанското фудбалско првенство, Барселона на својот стадион одигра 1:1 со Севилја.
Севилја поведе во 8 минута со голот на Лук де Јонг кој е првиот погодок во мрежата на Барса во новото првенство, но само две минути подоцна Фелипе Коутињао ја искористи грешката на гостинскиот капитен Хезус Навас кој длабунската топка од Лионел Меси идеално ја сврти кон Бразилецот.
До крајот на мечот имаше неколку обиди од двете страни, а најдобрата шанса за Барселона ја имаше во судиското продолжение Ринкао, но неговиот удар го одбрани гостинскиот голман Боно.
Барселона од три натпревара сега има 7 бодови и е петта на табелата, додека Севилја е веднаш зад неа со ист број бодови но послаба гол-разлика.
Во раниот попладневен термин фудбалерите на Реал Мадрид го преземаа водството на табелата откако на гостувањето кај Леванте славеа со 2:0. Победата на актуелниот шампион би ја донесоа Винисиус Жуниор во 16 и Карим Бензема во петтата минута од судиското продолжение на мечот.
Реал од четири натпревари има 10 бодови, бод повеќе од Бетис кој има пет натпревари, а Реал Сосиедад и Вилјареал имаат по 8 бодови. Леванте досега нанижа три пораза и една победа и со 3 бода е 18-ти.
Кадиз и Гранада земаа по еден бод откако играа 1:1. Гостите поведоа преку Санчез во 27 минута, а за домашните израмни Алехо во 48 минута.
Кадиз од пет натпревари собра 7 бодови и е 9-ти на табелата, а Гранада е веднаш зад него само поради послабата гол-разлика.
Алавес со голот на Ели во 74 минута на свој терен го совлада Атлетик Билбао. За Алавес ова беше прва победа во петте први кола и со 3 бода е 17-ти, а Атлетик има исто толку бодови во четири меча и е 19-ти.
Осасуна со головите на Ронкаља во 23 и Каљери во 76 минута на свој терен беше подобра од Селта Виго. Осасуна сега има 6 бодови од четири натпревари и е 11-та, а Селта има 5 бодови од пет мечеви и е на 13-ти место.