Секоја година на 2 август македонскиот државен врв – претседателот, премиерот и претседателот на Собранието, се растрчани по местата поврзани со македонските Илиндени: Крушево, Пелинце, спомениците на илинденците во Скопје. Се носи публика, се држат патетични говори. Илинден е меѓу најславните македонски празници.
По две причини: Свети Илија (Громовник) е еден од култните светци на православните Македонци бидејќи го поистоветуваат со богот Перун, кој завзема централно место во старословенската митологија. Таа народна и православна македонска меморија е содржински надополнета со Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година. На тој начин 2 август содржи неколку народни и национални карактеристики и традиции. Традиции од македонската свест, култура и духовност. И завештанија од македонската борба за слобода и државност.
Затоа од сите македонски национални, државни и верски празници Илинден е вистински клуч за сфаќање на македонската суштина на македонската духовност и космополитизам. За жал, година по година овој празник од народен се трансформира во официозен. Со државен протокол, донесена публика и политички (дури партиски) говори за моменталните случувања во државата. На пример во 2013 година, кога се кршеја копја околу лустрацијата на познатиот македонски и европски писател и академик Славко Јаневски, една министерка изјави:
„Македонскиот идентитет не е само напишана книга или скулптура или кое било дело, па макар и да е наградено со Нобелова награда“.
Всушност идентитетот и борбата за слобода се дело на народот, но идејата за нив, образложението, стимулацијата и водечката улога секогаш е на личностите, лидерите. Затоа и Скопје е полн со споменици на индивидуални херои. На Илинден 2014 година борбата за слобода и демократија на илинденци беше поврзана со парламентарните избори и бојкот на опозицијата. На сегашниот Илинден беше кажано:
„ Интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО се следниот Илинден кој го сонуваме, за кој работиме, кој го очекуваме и кој ќе го оствариме“.
Овие примери покажуваат како глобалните цели и вредности на илинденците се симнувани до локални, привремени и дури контроверзни цели. Лустрацијата заврши катастрофално затоа што се спроведуваше по скопен закон. Ниту во однос на времето (да се случи во почетокот на 90-те години), ниту во однос на тие кои требаше да бидат лустрирани (партиските функционери на поранешниот систем, а не ситните кодоши кои биле нивни инструменти). Под знак прашалник е дали опозицијата ќе се врати во Собранието, а повеќе од јасно е дека македонскиот народ не сонува за ЕУ и НАТО, а истовремено не сака да живее во протекторат, но во самостојна држава, со институции кои ја почитуваат неговата волја, во општество без корупција, партизација и добар животен стандард. За ширење на НАТО сонуваат единствено американските статистичари од ИРИ, затоа и тврдат дека 80 отсто од Македонците го сакале.
Со два збора, поранешните и денешните политичари активно го користат народниот Илинден за привремени конуктурни цели. Всушност и Првото заседание на АСНОМ намерно е одржано на 2 август 1944 година. Целта е да се надоврзе антифашистичката борба со борбата на илинденците од 1903 година за да добие народен легитимитет. Во последниве години почна да се зборува за „Третиот Илинден“ на 8 септември 1991 година, кога беше одржан референдумот за осамостојувањето на Република Македонија. За пропагандистите на тој „трети Илинден“ не е од значење дека 8 септември не е Илинден, туку Мала Богородица по стариот календар. Тие сакаат симболично надоврзување и надградување на Илиндените.
Значи, првиот Илинден бил симбол на борба за слобода, вториот Илинден – симбол на државноста, а третиот Илинден – на самостојна Македонија. Во време на социјализмот имаше надградување–антитеза. Борбата во 1903 година завршила неуспешно, а таа во 1944 година со успех. На тој начин 1944 година изгледаше позначајна од 1903 година. Ако сакаме да бидеме чесни, мора да признаеме дека одлуката за македонската држава беше донесена на Второто заседание на АВНОЈ во Јајце на 29-30 ноември 1943 година, а не на 2 август 1944 година. АСНОМ само ја верификува таа одлука. Притоа во своето законодавно тело АВНОЈ го назначи како потпретседател Димитар Влахов како претставник од Егејска Македонија, а во Претседателството Владо Поп Томов како претставник од Пиринска Македонија. По своето конституирање АСНОМ „го прокламира пред целиот свет праведното и неотстапно сакање за обединение на целиот македонски народ, на принципите на самоопределување“. Но, во законодавното тело немаше претставници од Егејска и Пиринска Македонија.
Така што, ако сакаме да бидеме чесни односно 2 август, првиот значаен датум во македонската историја е 338 година п.н.е., кога македонскиот крал Филип Втори извојува грандиозна победа кај Херонеа над обединетата армија на хеленските полиси водени од Атина. На тој начин македонската држава стана хегемон на Балканот. Во споредба со тој прв Илинден, македонските Илиндени од 20-от век изгледаат жални. Не по вина на народот, туку на политичарите. Официјалниот слоган на раководството на Илинденското востание е за „Автономна Македонија“. Меѓутоа во Крушево се создава „Времена Влада“ и е објавена „Република“. Во Костурско се направени калапи за сребрени и бакарни македонски монети за идната држава. Се создава и македонско востаничко знаме. Под притисок на народот, во мај 1904 година. Битолскиот револуционерен округ признава дека народот се кренал на востание за „самостојна македонска држава“, а не за автономија.
И во 1944 година македонските антифашисти од АСНОМ заостануваат зад колегите од АВНОЈ. Повторно се обидуваат да компензираат со истрчување без согледби со реалностите. Референдумот од 8 септември 1991 година исто беше компромисен:
„Дали сте за суверена држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“?
Уште поточно: прашањето беше небулозно затоа што поранешните југословенски републики прогласија суверенитет и автоматски се одвоија од Југославија.
Во заклучок, во сите свои Илиндени, од 338 година п.н.е. до денес, македонскиот народ имал иста борба и цел-самостојност, демократија, просперитет. Но, резултатите од тие реални или наметнати Илиндени се контроверзни, затоа што контроверзни – плашливи, поткупливи, партиски обоени се Македонските политичари. Затоа нема поуки од македонските Илиндени.