Без вакцина против коронавирус заборавете на полни стадиони

Советникот во Владата на британскиот премиер Борис Џонсон, Џејмс Калдер порача дека без вакцина против коронавирус невозможно е да се полнат стадионите како во старите добри времиња до почетокот на март, откако на Островот веќе почнаа да се прават плановите за постепено укинување на рестрикциите за гледачите на трибините.

Премиерот Џонсон најави уште пред две недели дека од октомври би можел ограничен број на гледачи да биде пуштен на стадионите за да се добие барем малку фудбалски шмек и дека очекува брзо потоа во постепени фази да се вратат старите слики од полните трибини. Ама, неовиот советник Калдер, кој е претседател на групата за спорт, за „Би-Би-Си“ објави дека опција за полни стадиони до крајот на годината – не доаѓа во предвид.

„Јас ќе бидам изненаден ако видам некаде дека до крајот на годинава се наполнил некој стадион. Ако говориме реално, ќе мора прво да ја дочекаме вацината против ковид-19 и вакцинирањето масовно да биде спроведено, пред да може да се наполнат трибините“, вели Калдер.

Тој додаде дека можно е постепено враќање на одреден број на гледачи на стадионите, но не сака да истрчува со претпоставки, потенцирајќи дека реално е такво нешто по Божиќ.

„Реалноста е дека не треба да се брза и дека поизгледни се шансите од следната година да имаме одреден дел на публика, можеби и по Божиќ, а потоа до крајот на сезоната“, додава тој, посочувајќи дека ризикот да се пуштат навивачи на трибините останува голем зашто тешко е да се обезбеди физичко дистанцирање како што треба. Велика Британија откако удри коронавирусот низ светот во моментов е најпогодената земја во Европа со најголем број на заразени и починати.