Безалтернативност

Владината и медиумската пропаганда се интензивираат во пресрет Велигден. Македонија (ќе) треба (доброволно?) да прифати да биде распната на крст за да воскресне како Исус, па со гланц ново име и комплетно сменет идентитет (на државата и на граѓаните – од имиња на институции, па до возачки дозволи, лични карти и изводи од матичните книги на родените и на умрените) да стане членка на НАТО и благонадежна членка на ЕУ (за едно 10-20 години).

Во поглед на непримерноста со која, не само грчката страна уценува, туку и македонската прифаќа да преговара за нешта кои не смеат да бидат предмет за преговори во ниту една држава на светот, се изјаснив многу пати. Од велигденското „чудо“ може да нѐ спаси само грчкото: судбината е во рацете на грчкиот национализам, кој е – верувале или не – последниот бастион на одбрана на македонскиот идентитет. Самоувереноста која расте додека ги гледаат клекнатите македонски елити, а и поради премолчената поддршка на европските и светските моќници, може да доведе до таков аздис, што дури и на Заев и Димитров ќе им затрепери раката пред да стават историски потпис на самоукинување. Велат дека саможртвата била нужна за да земјата влезе во НАТО, односно стане членка на демократскиот/добриот дел од меѓународната заедница, кој градел мир и ширел демократија по светот. Членството во оваа воена алијанса (ќе) било ултимативен доказ за припаѓање на најразвиената цивилизациска заедница. Без НАТО нема живот, а немало ни Македонија да ја има, па затоа цената за влезниот билет е помалку важна од крајната дестинација.

Оваа мантра не е нова, а сепак зачудува степенот на кокошкино слепило, и тоа најмногу во т.н. интелектуални (наводно, мислечки) кругови. Речиси и да нема интелектуалец (уште помалку професор) кој ќе се осмели да каже дека Царот е гол, дека НАТО (предводено од САД) е најопасниот воен сојуз во историјата на човештвото, и дека неговите индивидуални членки и/или сојузот во целина безброј пати го имаат прекршено меѓународното право и сите цивилизациски норми. Најхрабрите само ќе промрморат дека во принцип не се против НАТО, ама за нив цената (името и идентитетот) е превисока, инаку НАТО си е ОК. А суштината е во тоа што проблемот останува ист со признаено име или без него: членството во НАТО значи слепо подаништво пред една империјална сила. Тоа значи соучесништво и доброволно нудење топовско месо и ресурси за војување, а не за градење мир. Една стара антивоена парола гласи „да се бориш за мир е исто како да се е*еш за невиност“, а Заев ветува токму таква борба! Невиноста ја изгубивме одамна, уште кога станавме база за НАТО интервенцијата од 1999 година, кога без размислување испративме војници во Авганистан и Ирак (кршејќи го уставот и законот), кога го потпишавме билатералниот договор со САД за изземање на американските војници од јуриздикцијата на Меѓународниот кривичен суд, и кога ја нудиме сопствената територија (Криволак) за воена база (остатокот им го нудиме на корпорациите). Политичарите, без никакви докази, тврдат дека преку 75% од населението било за членство во Алијансата. Кредибилни истражувања нема, ниту пак е истражено што всушност граѓаните очекуваат од НАТО, т.е. дали постојат информирани граѓани кои знаат што е реално НАТО може или не може да стори (на пример, да донесе благосостојба).

Дури и да е точен процентот на поддржувачи, тоа не е за фалење; тој покажува дека само една четвртина од населението има резерви кон тезата за „безалтернативност“. А, таа теза не е ништо друго туку ментален затвор кој ни се промовира како надеж за подобар живот, но и како заплашување и безусловно, речиси религиско верување дека живот надвор од НАТО нема. (Впрочем, безалтернативноста е религија и кога станува збор за многу други работи поврзани со западната демократија и економија.) На ретките кои јавно ќе се изјаснат против ваквите догми, им поставуваат (не многу интелигентно) прашање: „И? Кажи каква алтернатива нудиш за НАТО? Што ако не влеземе? Што ако ни удрат ембарго? Немаме ниту еден сојузник, немаме ниту безбедносна, ниту економска алтернативна стратегија. Ако пропаднат преговорите ќе се најдеме на нов терен за кој немаме компас. Што тогаш да правиме?“. Како да некогаш сме имале компас! Па, стратегија нема таму каде што „државниците“ коцкарски ставаат сѐ на една карта, на која ѝ придаваат волшебни моќи да го исполни она што тие не се способни да го направат. Безалтернативноста е антиинтелектуална, ама и антидржавна позиција, бидејќи не дозволува ниту помисла за нешто надвор од „светото писмо“. Во такви услови, каде Планот Б или В се забранети и озлогласени, нема, ниту може да има наука или политика.

Кој е виновен што немаме безбедносна или економска стратегија, и што немаме сојузници (или имаме такви пријатели што непријатели не ни се ни потребни)? Па, токму тие кои размислуваат еднонасочно, кои како Борги го кажуваат рефренот „Секој отпор е залуден.“ И така, повеќе од четврт век! Успеаја да израснат генерации кои веруваат само во една опција (TINA, There Is No Alternative), наместо во креативност, бунт и трагање по инакви патишта (TATA, There Are Thousand Alternatives).

Македонија чудесно стана многу важен дел на меѓународната заедница откако Заев ѝ се закани на Северна Кореја од говорницата во ОН. Сега побрза да протера руски дипломат во знак на солидарност со Велика Британија (за напад на двоен шпион!?), создавајќи моќен непријател во Советот за безбедност, како што тоа го направивме со Кина по признавањето на Тајван. Русија ја направивме непријател заради наводна безбедност, а Кина – за пари. Ветер и магла! Тоа што го соопшти рускиот амбасадор (дека како членка на НАТО, во случај на војна, ќе бидеме легитимна воена цел) згрози мнозина од оние кои веруваат дека НАТО значи одење на пикник и правење хипи венчиња од цвеќиња. (NATO = aNATOmy of war). А тоа требаше да биде задача на секој наш политичар: да објасни што значи членство во воен сојуз во време на враќање на Студената војна, колку пари ќе чини и какви негативни страни има. Најновата вест од хиперактивното МНР (ем менува име, ем средува проблеми по светот) е дека Македонија е длабоко загрижена за безбедноста на Саудиска Арабија по нападите на Хутите. А Саудиска Арабија – што да ви кажам? Држава ептен за пример кога станува збор за нашите и НАТО декларираните вредности: системски крши човекови права дома, со години е агресор на Јемен и таен финансиер на меѓународен тероризам.

Децата на Јемен умираат масовно од глад и колера, но кому му е грижа за тоа? МНР е загрижено за агресорот, а не за жртвите. Затоа нема да ги осудиме ни Израел за масакрот врз Палестинците. Нашите постапуваат по принципот „видела жабата …“ – или поточно, ѝ дошепнале на жабата да ја дигне ногата. Вистината е дека сме лилипутанска и слаба држава, која дополнително слабее поради нездравата терапија препишана од меѓународните „стејтбилдери“, кои бараат повеќе пари да вложуваме во војската отколку во здравството. Пристоен човек не може да не се срами од ваква држава: и без формално членство во НАТО, таа поддржа сѐ што беше воена интервенција и кршење на човекови права, затвора очи пред воени злосторства и дома и по светот, користи орвелијански новоговор и ни пере мозоци дека со влез во НАТО ќе станеме поправедни и побогати. Слепците не гледаат кое дно го допреа дома – нема ни правда, ни мир – а ќе ги ширеле по светот!

Автор: проф. др Билјана Ванковска за Нова Македонија