Безбедносна камера го снимила убиецот на Ајети!?

Безбедносната камера поставена пред влезот на чајџилницата „Кај Џело“, во која во петокот попладне во скопско Ченто беше убиен сопственикот Џељал Ајети, можно е да снимила убиецот

Безбедносната камера поставена пред влезот на чајџилницата „Кај Џело“, во која во петокот попладне во скопско Ченто беше убиен сопственикот Џељал Ајети, можно е да снимила убиецот, пишува денеска „Дневник“.

Камерата можно е да го снимила и возилото со кое пристигнало и побегнало лицето кое со автоматска пушка „калашников“ го уби Ајети, а повреди уште едно лице кое се нашло во чајџилницата.

Од Министерството за внатрешни работи, како што пишува весникот, засега не откриваат дали ги зеле снимките и дали евентуално на нив имало нешто што помогнало на истрагата.

Во МВР се уште трае и вештачењето на патроните пронајдени на местото на убиството.

Ајети, како што пишувавме вчера, во Скопје во изминативе две децении беше познат како човек кој позајмува големи суми на пари со високи камати. Неговото име се поврзува со голем број насилни инциденти, но и убиства. Истрагата која е во тек треба да ги открие точните мотиви за егзекуцијата на Ајети односно дали убиецот е некој од многуте негови должници или пак се работи за пресметка меѓу криминалните групи во главниот град.