Денеска се одржа 19-та седница на Советот за безбедност, на која се разговараше за безбедносната состојба во државата и евро-атлантскиот регион.
Покрај членовите на Советот за безбедност, на покана на претседателот Пендаровски на седницата присуствуваа и директорот на Агенцијата за национална безбедност и директорот на Агенцијата за разузнавање.
Надлежните претставници на институциите информираа за тековните безбедносни прашања поврзани со земјата и поширокиот регион, вклучувајќи ја руската агресија врз Украина, случувањата на Блискиот Исток и состојбата на северот во Република Косово.
По однос на безбедносната состојба во државата, беше оценето дека таа е стабилна и дека нема индиции кои укажуваат на можно нејзино загрозување.
Како членка на НАТО, Република Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците по однос на активности кои се преземаат за зајакнување на безбедноста во евро-атлантскиот простор.
На седницата на Советот за безбедност беше констатирана потребата надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено преземање на мерки и активности од нивна надлежност.