Бездомник вратил паричник со 2.000 евра

Бездомник од главната станица во Амстердам вратил паричник, кој патник го заборавил во воз, а во кој имало околу 2.000 евра, соопшти локалната полиција. Чесниот наоѓач бил награден за потегот што го направил.

Хаџер Ал-Али, триесет и тригодишен маж кој е бездомник 18 месеци, го пронашол паричникот додека барал пластични шишиња за кои може да добие надомест.

Во паричникот имало „околу 2.000 евра, но за жал немало лични документи или начин како да се контактира неговиот сопственик“, соопшти полицијата.

„Затоа што веруваме дека чесноста се исплати“, Ал-Али доби признание во форма на сребрена статуетка со палец и подарок од 50 евра, објавија властите.

Доколку никој не се јави за паричникот во рок од една година, парите ќе му бидат дадени на тој што ги нашол.

„Не е важно што ќе најдам, секогаш го враќам назад“, рекол Ал-Али во видео споделено од локалниот медиум De Stentor.

„Можеби сопственикот има фирма каде што може да ми обезбеди работа или сместување каде што би можел да живеам. Никогаш не се знае“, додал тој.