Основачот на најголемиот интернет продавач на мало „Amazon.com“, Џеф Безос, од понеделникот повторно е најбогатиот човек на светот, а според индексот на милијардери на Bloomberg го симна од тронот досегашниот „шампион“ Илон Маск.
Нето богатството на Безос сега е проценето на 200 милијарди долари и според добивката ги надмина 198-те милијарди долари на извршниот директор на произведувачот на електрични автомобили „Tesla“.
Богатството на Илон Маск, кој ги предводи уште и социјалната мрежа X (поранешен Twitter) и компанијата од вселенската индустрија „SpaceX“, се намалило за повеќе од 30 милијарди долари, бидејќи цената на акциите на „Tesla“ падна за 25 отсто во изминатите неколку месеци.
Покрај тоа, судот во јануари го потврди поништувањето на неговиот договор за компензација на „Tesla“, вреден 55,8 милијарди долари, првично склучен во 2018 година.
Безос, кој повеќе не го води „Amazon“, во меѓувреме профитираше од зголемените цени на акциите на овој успешен гигант за електронска-трговија. Дури и откако неодамна продаде акции вредни 8,5 милијарди долари, Безос останува најголемиот акционер на компанијата.
Според најновиот индекс на милијардери на Bloomberg, листата на десетте најбогати луѓе во светот и нивната нето вредност изгледа вака: Џеф Безос (200 милијарди долари), Илон Маск (198 милијарди американски долари), Бернар Арно (197 милијарди долари). Марк Цукерберг (179 милијарди долари), Бил Гејтс (150 милијарди долари), Стив Балмер (143 милијарди долари), Ворен Бафет (133 милијарди долари), Лери Елисон 129 милијарди долари), Лери Пејџ (122 милијарди долари) и Сергеј Брин (116 милијарди американски долари).
Освен Бернар Арно, кој е француски државјанин, сите останати милијардери наведени се американски државјани.