Безредија на протестите во Париз, полицијата употреби солзавец

Група насилни демонстранти на масовните протести во Париз против растот на животните трошоци во неделата се судрија со полицијата која ја придружуваше поворката, на што полицијата одговори со солзавец, известуваат медиумите.

Додека поголемиот дел од колоната демонстранти мирно се движела од Плоштадот на нацијата, група млади луѓе со качулки и маски излегле од предвидената рута навредувајќи ги полициските службеници, фрлајќи врз нив шишиња и камења.

Покрај тоа, додека колоната продолжила по рутата, помали групи демонстранти ги кршеле излозите на филијалите на банките, а оштетен бил и излогот на ресторан „McDonald’s“. Поради инцидентите поворката била запрена, се наведува во медиумските извештаи.

Претходно во неделата, челникот на еден од организаторите на протестите, политичкото левичарско движење Непокорна Франција, Жан-Лук Меланшон во колумна за весникот Ouest-France истакна дека ги осудува насилните инциденти кои хулиганите може да ги предизвикаат во текот на најавениот протест.

Според Меланшон, таквиот развој на настаните „може да му биде од полза само на (францускиот претседател Емануел) Макрон“, но не и на демонстрантите.

Протестот против „скапиот живот и неактивноста пред климатските промени“, започна од Плоштадот на нацијата а колоната протестанти се движела во правец на Плоштадот Бастилја во централното подрачје на француската престолнина. Учесниците на маршот извикувале слогани со критики за постапките на владата во врска со високата инфлација и енергетската криза.

Како што и претходно беше објавено, нивните барања се замрзнување на цените на струјата и горивата, зголемување на минималниот износ на социјалните бенефиции, да не се зголемува старосната граница за пензионирање, како и зголемување на минималната пензија.

Демонстрантите, и покрај кризата со недостигот од горива која ја зафати Франција, им изразуваат поддршка на штрајкувачите во рафинериите ширум земјата кој трае од крајот на септември. Тие ги критикуваат рекордните дивиденди кои им се исплаќаа на акционерите на големите компании годинава, и бараат да се зголемат платите на вработените во рафинериите во услови на големата инфлација.

Меланшон попладнево на Twitter објави дека на протестот учествувале 140.000 луѓе, а министерството за внатрешни работи излезе со своја процена за околу 30.000 демонстранти. Покрај активистите и поддржувачите на левите политички сили кои го организираа протестот, меѓу демонстрантите има и претставници на синдикатите и на младинските движења, забележуваат париските медиуми.