Талибанците се сметаат за една од најбогатите бунтовнички групи во светот, а по две децении борба против американските и сојузничките сили, Авганистан сега е во нивни раце. Би Би Си пишува за тоа како се финансираат Талибанците.
Талибанците управуваа со Авганистан од 1996 до крајот на 2001 година, кога беа соборени од американските сили. И покрај 20-годишниот конфликт кој следеше и смртта на десетици илјади талибански борци, просторот што тие го контролираат и нивната воена моќ се зголемија во последниве години. До средината на 2021 година, тие имаа 70.000 до 100.000 борци, а пред десет години биле само 30.000. Одржувањето на ова ниво на бунт бараше големи финансиски средства од извори во и надвор од Авганистан.
Годишниот приход на талибанците по 2011 година се проценува на околу 400 милиони американски долари. Но, до крајот на 2018 година, можело да се зголеми и до 1,5 милијарди долари годишно, според истражувањето на Би Би Си. Интервјуата спроведени во Авганистан и во странство покажуваат дека талибанците имаат софистицирана финансиска мрежа и даночен систем. Тие развиле бројни извори на приходи. Би Би Си наведува неколку главни.
1. Странски донации
Неколку авганистански и американски официјални претставници веќе долго време обвинуваат одредени земји, меѓу кои Пакистан, Иран и Русија, дека им даваат финансиска помош на талибанците. Ова е практика која овие земји ја негираат. Сепак, најголемите донатори се сметаат физички лица од Пакистан и неколку земји од Заливот, како што се Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар. Иако е невозможно точно да се одредат, се смета дека овие извори на финансирање обезбедуваат значителен дел од приходите на талибанците. Тоа би можело да изнесува дури 500 милиони долари годишно. Тие врски се долготрајни. Според доверливиот извештај на американското разузнавање од 2008 година, талибанците добиле 106 милиони долари од странски извори, особено од земји од Заливот.
2. Трговија со дрога
Подолго време се верува дека талибанците имаат даночен систем за финансирање на нивните бунтовнички операции, вклучително и нелегалната трговија со дрога. Авганистан е најголемиот светски производител на опиум, кој може да се преработи во хероин. Со проценета годишна вредност на извозот од 1,5 до три милијарди долари, опиумот е голем бизнис со кој се произведува најголем дел од хероинот во светот.
Официјални лица од соборената авганистанска влада тврдат дека талибанците наплатуваат 10 проценти данок од одгледувачите на опиум. Даноците се собираат и од лабораториите кои го претвораат опиумот во хероин, како и од шверцерите на нелегална дрога. Годишната заработка на талибанците од економијата на илегална дрога се движи од 100 до 400 милиони долари.
Трговијата со дрога сочинува до 60 отсто од годишните приходи на талибанците, изјави американскиот генерал Џон Николсон во извештајот на Специјалниот главен инспектор за обнова на Авганистан (СИГАР) за 2018 година. Но, некои експерти велат дека оваа бројка е преценета. Талибанците честопати ја негираат нивната вмешаност во нарко индустријата и се гордеат што го забраниле одгледување афион за време додека беа на власт пред околу 20 години.
3. Проширување на контролата над територијата
Финансиската мрежа на талибанците се протега надвор од оданочувањето само на бизнисот со опиум. Во отворено писмо од 2018 година, талибанците ги предупредија авганистанските трговци да плаќаат даноци за разни стоки, вклучувајќи гориво и градежен материјал, кога патуваат низ областите под нивна контрола. По соборувањето на авганистанската влада, талибанците сега ги контролираат сите главни трговски патишта во земјата, како и граничните премини, создавајќи повеќе потенцијални извори на приходи од увоз и извоз.
Во изминатите две децении, значително количество на западни пари, исто така, ненамерно завршија во џебовите на талибанците. Прво, талибанците ги оданочија проектите за развој и инфраструктура, вклучувајќи патишта, училишта и клиники, кои главно се финансирани од западните земји. Второ, се смета дека талибанците заработувале десетици милиони долари годишно од оданочување на камионџии кои ги снабдувале меѓународните сили стационирани во различни делови на земјата.
Исто така, се смета дека тие заработиле значителна сума пари од услугите кои ги обезбедува авганистанската влада. Шефот на авганистанската енергетска компанија за Би Би Си во 2018 година изјави дека талибанците заработуваат повеќе од два милиони долари годишно од потрошувачите на електрична енергија во различни делови на земјата. Тука е и прихододот остварен директно од конфликтот. Секогаш кога талибанците заземаат воено упориште или урбан центар, тие ги празнат касите и трезорите, и запленуваат многу оружје, автомобили и оклопни возила.
4. Рудници и минерали
Авганистан е богат со минерали и скапоцени камења, а повеќето од нив се недоволно искористени како резултат на долгогодишниот конфликт. Рударската индустрија во Авганистан се проценува на една милијарда долари годишно. Најголем дел од експлоатацијата е од мал обем и најчесто се врши незаконски.
Талибанците ја презедоа контролата врз рударските локации и изнудија пари од легални и нелегални рударски операции. Во својот годишен извештај за 2014 година, службениците на ОН за следење на аналитичката поддршка и санкции посочуваат дека талибанците добивале повеќе од 10 милиони долари годишно од 25 до 30 илегални рударски операции во јужната провинција Хелманд.