Би-Би-Си со докази тврди: Масакрот во Краматорск е извршен со ракети „Точка-У“ што ги користи украинската армија

Би-Би-Си објави извештај во кој се тврди дека постојат докази оти нападот на железничката станица во Краматорск бил изведен со касетни бомби, чија употреба е забранета со меѓународното право. Касетните бомби содржат голем број помали бомби што се распрснуваат пред ударот и експлодираат во поширока област. Повеќе од 50 цивили загинаа во нападот на железничката станица, која беше преполна во моментот на експлозијата.

Новинарите на Би-Би-Си по нападот ја посетиле железничката станица во Краматорск и пронашле мали кратери на земјата кои се конзистентни со боевата глава која содржи касетна муниција.

На местото на нападот беа пронајдени остатоци од ракета „Точка-У“ од советската ера. Станува збор за балистичка ракета со краток дострел, која може да носи касетна боева глава која содржи 50 помали бомби – наведува Би-Би-Си.

Ваквиот извештај е во спротивност со украинските тврдења непосредно по експлозијата дека нападот бил извршен со руски проектил „Искандер“. Ракетите „Точка-У“ се проектили коишто ги користи украинската армија, а кои се исфрлени од употреба во Русија уште во 2019 година.

Експертите консултирани од Би-Би-Си, наведуваат дека малите кратери на станицата се во согласност со касетната муниција која може да се користи со ракетите „Точка-У“.

Кратерите се сосема конзистентни со муницијата како ГН24, касетна муниција од советската ера која може да се смести во боева глава од проектилите „Точка-У“ – вели Сидарт Каусал, експерт за ракети во британскиот Кралски институт за одбранбени прашања.