Бигамијата во Албанија ќе се казнува со затвор

Албанската Влада предлага измени во кривичниот законик, со кои се предвидуваат поостри мерки за лицата кои имаат два или повеќе брака во исто време.

-Додека досега нарушувањето на лојалноста меѓу брачните другари го нарекувавме морален проблем, во нацрт-измените на Кривичниот законик, ова ќе биде кривично дело за кое може да се изрече затворска казна до три години. Според предлог-законот доставен на расправа, одржување на два или повеќе брака истовремено, или соживот во исто време со еден или повеќе партнери, се казнува со парична казна или со затвор до три години, објави Топ чанел.

Доколку бигамијата продолжи и по прво изречената казна, потоа се казнува со затвор во траење од четири години.

-Состојбата на одржување на паралелни бракови или соживот не е непозната појава во Албанија. Не ретко во медиумите сме виделе мажи кои живеат со две жени за да создадат можност да остават наследници. Имало случаи кога мажи живеат во неколку паралелни врски, од кои имаат и деца. Во одредени случаи, користејќи ја довербата, одредени поединци одржуваат повеќекратни бракови во исто време, наведува телевизијата.

Според истиот извор, најсвеж е случајот на лекарот Дервиш Хаси, кој имал три брака, а четвртиот го формирал со 16-годишна малолетничка, поради што заврши зад решетки.