Бигорскиот манастир објави прекрасно видео во пресрет на Велигден

Во пресрет на најголемиот православен христијански празник, Празникот над празниците – Воскресението Христово, Велигден, Бигорската обител подготви ново видео, овој пат „Воскресение Христово“.

Во видеото се искористени материјали од минатогодишното празнување на празникот во Обителта.

Речиси пристигнавме до најголемиот и најрадосен православен христијански празник – Воскресението Христово, Велигден. Имено, во текот на утрешниот ден (Лазарева сабота), ќе го прославиме споменот за воскресението на четири дена мртвиот Лазар. Со ова дело кое го извршил Господ Исус Христос од љубов кон неговиот пријател Лазар, ние, всушност, ќе го најавиме и ќе се подготвиме за големото и славно Христово Воскресение – воскресение пред Воскресение. Со самиот радосен контекст, овој утрешен празник ги воведува и подготвува верните за прославата на Воскресението Христово, но истовремено и ги потсетува на големите страданија кои Господ Исус Христос ќе ги поднесе за спасение на човечкиот род, велат од Бигорската обител.

Токму затоа, посочуваат, е потребно сите заедно да дадеме придонес во оваа навистина значајна и важна подготовка, обидувајќи се да внесеме вистинска претпразнична и радосна атмосфера во срцата на верниците, насочувајќи ги кон размислување за големите дела кои Христос ги изврши на земјата.

Бигорски манастир, пред празникот Велики поклади Прочка, ден пред Велигденските пости, подготви видео со наслов „Умилителна Вечерна на простувањето – Прочка во Бигорски“, а деновиве и видео посветено на Страдањата Христови, како вовед до последната недела од големиот пост.

И во двете се искористени материјали од минатогодишното празнување во Бигорски, за време на Неделата на простувањето – Прочка и празнување на Страдалната Седмица во Обителта.