Најмалку 21 лице го загуби животот во поплавите во Босна и Херцеговина, уште 16 се сметаат за исчезнати, а неизвеснос е и спроведувањето на локалните избори во погодените подрачја во недела.
Најмалку 16 лица од областа на северна Херцеговина во моментов се водат како исчезнати, откако е потврдено дека исто толку луѓе загинале само во областа Јабланица, изјави премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Нермин Никшиќ во петок вечерта.
Спасувачките екипи цел ден се обидуваа да ги расчистат урнатините во селото Доња Јабланица, каде се уништени или оштетени десетици куќи, а Никшиќ вечерта потврди дека во урнатините се пронајдени голем број тела, но дека многу луѓе, исто така, ги нема.
„Според информациите што ги имам, 16 лица загинаа во Јабланица, а 12 се водат за исчезнати. Едно лице загина во Бутуровиќ Поље, а се трага по четворица. Меѓутоа, проблемот се местата до кои не се стигнати“, изјави тој за порталот Dnevni avaz.
Потоа, медиумите објавија дека е пронајдена уште една жртва во Јабланица, со што бројот на загинатите на тоа место се искачи на 17.
Никшиќ ситуацијата на овие локации ја оцени како критична, додавајќи дека сето тоа е голема трагедија.
Најмалку три лица се пронајдени во областа Фојница во централна Босна, соопшти Министерството за внатрешни работи на Кантонот Централна Босна. Станува збор за двајца мажи и една жена.
Поради тешката состојба во поплавените подрачја на северот на Херцеговина и во централна Босна, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (SIP) вечерта одржа вонредна седница на која требаше да процени дали во недела може да се одржат локални избори како што беше претходно планирано.
На седницата одржана во Сараево, тие одлучија дека засега ќе биде стопирана испораката на гласачки материјали до општините погодени од поплавите. Одлуката се однесува на општините Јабланица, Коњиќ, Фојница, Кисељак, Крешево, Бреза, Високо, Прозор – Рама, Бихаќ и градот Мостар.
„Во врска со организирањето избори во овие изборни единици или поединечни избирачки места во овие изборни единици, SIP ќе се изјасни на седницата што ќе продолжи утре (сабота) по добивање дополнителни информации од теренот“, се вели во соопштението објавено по седницата на изборната комисија.