Децата на вработени во Министерството за внатрешни работи на Федерацијата Босна и Херцеговина годинава ќе останат без вообичаените новогодишни подароци, а причината за тоа веројатно лежи во тоа што Дедо Мраз и во тоа министерство стана непосакуван, откако пред десетина дена беше „избркан“ од ентитетското Министерство за бегалци, пишуваат во вторникот локалните медиуми.
Драган Обрадовиќ, претседател на собранието на синдикатот на вработените во сојузното МВР, потврди дека е непријатно изненаден од информацијата дека годинава нема да има новогодишни подароци за деца или прослава со учество на Дедо Мраз, како што била вообичаената практика изминатите години. Наместо тоа, на вработените ќе им бидат исплатени пари.
Тоа е одлука на управниот одбор на синдикалната организација во МВР, за која дури ни Обрадовиќ не знаел ништо додека не била донесена. Додал дека најостро ја осудува ваквата одлука.
„Прашувам кому во управниот одбор му пречи Дедо Мраз, новогодишната програма и делењето пакетчиња. Сите деца во светот со нетрпение го очекуваат Дедо Мраз, новогодишните програми и делењето пакетчиња, но оваа година првпат се непожелни за членовите на управниот одбор на Синдикатот на МВР на Федерацијата“, рекол Обрадовиќ.
Побарал одлуката на управниот одбор да се прогласи за ништовна и на децата да им се дадат пакетчиња и да се организира новогодишна забава.
Сличен проблем имаат и во Министерството за бегалци и прогонети на Федерацијата БиХ. Таму синдикалниот огранок планирал да подели пакетчиња на детска новогодишна прослава со Дедо Мраз, но министерот Един Рамиќ, член на Партијата за демократска акција (SDA), минатата седмица го одбил барањето прославата да биде организирана во просториите на министерството.
Рамиќ тоа го направил со образложение дека организирањето на ваква прослава може да ги повреди верските чувства на некои од вработените, па побара синдикатот да спроведе анкета, односно да утврди дали сите вработени се согласуваат со посетата на Дедо Мраз.
„Порано се бараше овој простор да се користи за месџид (простор за извршување муслимански молитви), така што исто така не беше одобрено. Сега во работно време ќе организираме прослава и доаѓање на Дедо Мраз. Да си играме со управувањето на институциите“, било објаснувањето на Рамиќ.
Контроверзиите околу прославата на новогодишните празници во Босна и Херцеговина траат со децении, бидејќи во далечната 1996 година, тогаш неприкосновен бошњачки политички лидер Алија Изетбеговиќ им порача на муслиманите во земјата дека Новата година не е нивен празник. Исламската заедница во БиХ го поддржа ваквиот пристап со толкување дека преку подароци се обидуваат да им „всадат“ на децата христијански симболи и вера.
„Оние кои се обидуваат да го претстават, а всушност да го наметнат Дедо Мраз како општо прифатен симбол за дарување на децата по повод новата календарска година… ја заматуваат вистината и ја мамат јавноста, особено децата муслимани, обидувајќи се да им се наметне христијански симбол како неутрален, општоприфатен и посакуван модел на однесување“, гласи толкувањето на експертот за фатви на Ријасетот на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, Енес Љеваковиќ, објавено во 2010 година.