![bih](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/12/bih.jpg?resize=612%2C330&ssl=1)
На Босна и Херцеговина ѝ се заканува демографско пустошење доколку продолжат сегашните трендови на иселување и забрзано стареење на населението, а според реалистичните процени во земјата во 2070 година би можеле да живеат само 1,5 милиони луѓе, според анализата која ја претстави во вторникот специјализираната агенција на Обединетите нации.
Документот под наслов „Анализа на состојбата на населението во БиХ и проекција за периодот од 2020 до 2070 година“, го изработил Фондот за популации на ОН (UNFPA), а експертите за демографија од прашкиот Карлов универзитет изработиле различни проекции за тоа што ја очекува БиХ во следната половина век, доколку драстично не ја промени својата развојна и популациска политика.
Во изминатите две и пол децении, БиХ поради војната во 1990-те, но и миграциите веќе го почувствува значителното намалување на бројот на населението, бидејќи на пописот од 1991 година ги имаше речиси 4,2 милиони, а на пописот од 2013 година веќе само 3,5 милиони. Меѓутоа, се проценува дека и оваа бројка била превисока и оти вистинскиот број на жители во 2013 година бил поблиску до само 3 милиона луѓе, бидејќи биле попишани и оние коишто во земјата имале само куќи или станови, а новиот живот веќе го започнале во странство.
Сега, според најоптимистичкото сценарио, во 2070 година е моментот во кој во БиХ ќе живеат најмногу 2,5 милиони луѓе, а сценариото за коешто демографите сметаат дека е најреално предвидува демографска пропаст: дека БиХ ќе имаат само милиони и пол жители.
Ингрид Мекдоналд, претставничка на ОН во земјата, изјави дека е јасно оти Босна и Херцеговина забрзано останува без човечки ресурси, без кои не може да има ниту закрепнување од сегашната ситуација предизвикана од пандемијата, но ниту долгорочни развојни перспективи.
„Сѐ помалку деца се раѓаат, а сѐ повеќе луѓе си заминуваат. Тоа е вознемирувачки тренд и конкретни мерки за тоа да се запре се неопходни веднаш“, изјави Мекдоналд.
Спроведените анализи покажале дека просечната стапка на природниот прираст на населението во БиХ константно опаѓа, бидејќи во периодот од 1981 до 1991 година изнесувала 1 отсто, а сега е минус 0,14 отсто со стапка на фертилитетот од 1,28 отсто, според резултатите од пописот од 2013 година. Тоа значи дека не се обезбедува ниту проста репродукција на населението и според овие показатели БиХ е на самото дно од регионот.
Се проценува дека показателот на крајот од годината ќе покаже дека во 2020 година најмалку 23.000 жители емигрирале од БиХ, а таквиот тренд во илјадници ќе продолжи и во наредните години. Долку продолжат сегашните демографски трендови, исто така, до 2070 година, речиси половината од населението на БиХ ќе биде повозрасно од 65 години.