Безбедносните служби во Босна и Херцеговина немаат никакви информации за наводни планови за атентат врз турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, ниту примиле такви информации од турските колеги, изјавија во саботата вечерта, ден пред посетата, министерот за безбедност и директорот на полицијата.
Министерот за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ, и директорот на Директоратот за координација на полициските тела во БиХ, Мирсад Вилиќ, реагираа на претходните медиумски извештаи од саботата дека безбедносните служби на нивната земја добиле информација за подготовка на атентат врз турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган „во текот на неговата посета на Балканот“,
„Министерството за безбедност нема такви информации… Би било реално да се очекува доколку турските безбедносни служби имаат такви информации да ни ги проследат и заедно да работиме на отстранување на секој вид опасност“, изјави Мектич за регионалната телевизија N1.
Директорот на Директоратот за координација на полициските тела, коешто е директно задолжено за осигурување на посетата на Ердоган на Сараево, рече дека тие немаа никакви информации дека безбедноста на турскиот претседател би можела да биде загрозена.
v
Влиќ во изјавата за електронското издание на весникот Dnevni avaz вели дека поради безбедноста на турскиот претседател во текот на престојот во БиХ воспоставен е посебен оперативен штаб во кој се и претставници на Државната агенција за истрага и заштита (SIPA), Разузнавачко-безбедносната агенција (OSA) и на Вооружените сили на БиХ.
„Оперативниот штаб не располага со информација за можно загрозување на оваа посета“, рекол Вилиќ.
Турската службена новинска агенција Anadolu пренесе информација дека Турци коишто живеат во Скопје им јавиле на турските власти дека Ердоган би можел да биде цел на атентат, а извршители турски државјани.
Сараевската полиција и претходно најави дека поради доаѓањето на Ердоган ќе бидат воведени специјални безбедносни мерки, вклучително и повремено сопирање на сообраќајот и блокади на улиците на Сараево.
Ердоган во Сараево во неделата ќе пристигне заедно со сопругата Емине. Предвидена е негова посета на Претседателството на БиХ каде што ќе разговара со претседателот на државното тело Бакир Изетбеговиќ.
Во текот на денот треба да учествува и на собирот кој во сараевската сала „Зетра“ го организира лобистичката група Унија на европските демократи на Турција (UETD) и таму ќе им се обрати на своите приврзаници, а процена е дека во салата ќе има меѓу 10 и 15 илјади Турци кои живеат во странство.
Ердоган во вечерните часови би требало заедно со Изетбеговиќ пешки да прошетаат низ стариот дел на Сараево.