БиХ: Ново обвинение за тероризам, обвинет „снајперист“ на ал-Нусра

al Nusra

Обвинителството на Босна и Херцеговина подигна во понеделникот уште едно обвинение против државјанин на оваа земја поради придружување на исламистичките терористички организации.

За тоа кривично дело во конкретниот случај се товари извесен сега 38-годишниот Аднан Ќатиќ од Зеница, кој според Обвинителството на БиХ во 2013 година преку Турција заминал во Сирија и таму ѝ се придружил на групацијата „Џабхат (Фронтот) ал-Нусра“.

Оваа сунитска џихадистичка групација, која е основана во 2011/12 година и се сметаше за сириско огранок на меѓународната терористичка мрежа Ал Каеда, Советот за безбедност при Обединетите нации ја означи за терористичка органазација и покрај тогашното одбивање на некои земји од оваа тело на светската организација. Џабхат ал-Нусра, поддржана од регионалните сунитски земји западни сојузници беше една од најдоброорганизираните најрадикалните во војната започната во Сирија во март 2011 година со цел да се урне левата секуларна влада на алавитскиот (шиитски) претседател Башар ал-Асад, сојузник на Иран и Русија.

Во обвинението против Ќатиќ се наведува дека припадниците на „Џабхат ал-Нусра со секојдневните вооружени акции и напади врз населението, убивањата и незаконските затворања, земањето заложници и други терористички дејствија и активности, имале намера да извршат насилна измена на уставниот поредок и политичкиот режим“.

Ќатиќ, како доброволец, во редовите на споменатата организација минал воена обука и бил снајперист, и учествувал во борбите против „легалната војска во Сирија“

Обвинетиот во Сирија минал осум години, до 2021 година, а потоа престојувал во регионот на Блискиот исток и Турција, каде што пред неколку месеци бил лоциран, а на 17-ти ноември 2023 година уапсен и екстрадиран во Босна и Херцеговина, каде што сега е во притвор.

Во БиХ досега за кривичното дело приклучување на (исламистички) терористички организации се осудени 28 лица, а се проценува дека во Ирак и во Сирија, во текот на периодот од 2011 до 2017 година кога големи делови од двете земји контролираа ултрарадикалните сунитски џихадистички организации Исалмска држава и Џабхат ал-Нусра, како борци заминале меѓу 250 и 300 босанскохерцеговски државјани.