Во средата пред Судот на Босна и Херцеговина во Сараево продолжи судењето на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, по обвинението во кое се товари дека не ги спроведувал одлуките на високиот претставник, а на предлог на Обвинителството на БиХ како прв сведок исказ даде еден од полициските инспектори кои ја воделе истрагата.
Со одлука на судијата Сена Узуновиќ, постапката против Додик и директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ, повторно се споени, откако претходно беа разделени поради болеста на Лукиќ.
Обвинението против Додик и Лукиќ беше покренато во август 2023 година, а Судот на Босна и Херцеговина го потврди во септември. Двајцата се обвинети затоа што, и покрај одлуката на високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, чие именување Република Српска, како и Кина и Русија не го признаваат затоа што е именуван без вообичаената дискусија во Советот за безбедност на ОН, да ги поништи двата закона усвоени од парламентот во Бања Лука на почетокот на јули, тие презедоа чекори за да обезбедат спорните закони да стапат на сила.
Токму на иницијатива на Додик, Националното собрание на Република Српска ги усвои законите за неспроведување на пресудите на Уставниот суд на БиХ во тој ентитет, како и одлуката на високиот претставник. Додик е обвинет затоа што ги потпишал указите за стапување во сила на тие закони, а Лукиќ затоа што овозможил тие да бидат објавени во Службен весник.
Во судницата во средата сведочеше истражител од Државната агенција за истраги и заштита (SIPA), кој сведочеше за околностите под кои собраната документација е суштинска за наводите во обвинението. Галеријата на публиката, која може да прими 80 посетители, повторно ја исполнија соработниците и симпатизерите на Додик, вклучително и сите важни функционери на босанските Срби.
Додик се обиде да приговори на тоа што полициски инспектор зборува како сведок на обвинителството, тврдејќи дека тоа е доказ дека нема релевантни сведоци кои би ги потврдиле наводите во обвинението.
„Ова е фарса од процес“, рече тој, поради што доби опомена од судијката.
Додик за политичката заднина на процесот
Додик по рочиштето не сакаше да одговара на новинарски прашања пред судот, како што тоа го правеше претходно, правдајќи се со безбедносни причини, па веднаш отиде во Источно Сараево и таму одржа прес-конференција. На неа тој и неговите соработници повторно тврдеа дека против него се води монтиран политички процес со цел да се отстрани од политичкиот живот и дека пресудата со којашто ќе биде прогласен за виновен е веќе напишана.
„Се чувствувам нападнат и несигурен во Босна и Херцеговина“, рече Додик, кој тврди дека Судот на Босна и Херцеговина се води од политички интереси а не од закони, со цел да се забрани политичка активност. За тоа ги обвини американскиот амбасадор Мајкл Марфи, кого го нарече „кретен“ и високиот претставник на Шмит и Бошњаците, прогнозирајќи дека тоа токму нив „ќе им се врати“.
Реномираниот хрватски адвокат Анто Нобило, кој е дел од одбраната на Додик, пред новинарите тврдеше дека во овој случај нема конкретно кривично дело, туку дека преку овој судски процес се прават обиди некои да ги решат клучните проблеми на Босна и Херцеговина како држава.
„Се работи за тоа дали Босна и Херцеговина ќе биде повеќе или помалку централизирана и дали ќе има равизија на Дејтон“ (мировниот договор од 1995 година со кој е уредено уредувањето на БиХ, а на кој токму се повикува Додик), ги елаборираше своите тврдења Нобило, кој, како и Додик, оспорува дека високиот претставник на меѓународната заедница има овластување да наметнува закони и ги замени избраните функционери.
Неспроведувањето на одлуките на високиот претставник стана кривично дело во Босна и Херцеговина по измените во Кривичниот законик наметнати токму од Шмит минатата година, а лицата кои ќе бидат прогласени за виновни за тоа може да бидат казнети со затвор од шест месеци до пет години. Осудата значи и забрана за вршење функции на сите нивоа на власт како и во институциите кои се финансираат од буџетот.
Официјалниот почеток на судењето, по неколку одложувања поради процедурални причини, се случи на 5-ти февруари. Продолжението на судењето е закажано за 3-ти април.