![Donja Jablanica BiH](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/10/Donja-Jablanica-BiH.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Властите во Херцеговско-неретванската жупанија на Босна и Херцеговина отворија истрага за каменоломот од кој поројот ја однесе карпата и го срамни со земјата селото Доња Јабланица, каде досега се откриени телата на 15 жртви.
Обвинителството Херцеговско-неретванската жупанија назначи тим од обвинители, а членовите на Минситерството за внатрешни работи на жупанијата ги утврдуваат сите околности под кои се случи трагедијата во Доња Јабланица.
Воедно, додаваат дека посебен акцент е ставен на можната одговорност поврзана со работата на каменоломот кој се наоѓа во погоденото подрачје. Наредени се вештачења и набавка на деловна документација.
На вонредната седница одржана во Мостар, ресорното Министерство за економија на жупанијата добило задача до владата и до кризниот штаб да достави извештај и комплетна документација за издавањето на концесијата за каменоломот. Премиерот на жупанија на прес-конференцијата објасни дека актуелната влада воопшто нема информации дека каменоломот работи.
„Оваа влада не издала никаква концесија за тој каменолом, ниту имаме евидентирано такси за концесија за каменоломот“, рече претседателката на жупаниската влада, Марија Бухач.
Медиумите во БиХ изминатите денови објавија дека зад каменоломот стои сараевската компанија „Сани д.о.о“. Јабланица, чиј сопственик е извесен Џенан Хонџо. Истовремено, објавија негови фотографии во друштво на осудени криминалци од Сараево, а повикаа и да биде уапсен. Медиумите тврдат и дека од сателитските снимки се гледа дека каменоломот повремено работел.
Властите во Херцеговско-неретванската жупанија одбија да зборуваат за кривична одговорност за оваа несреќа. Но, од авионските снимки јасно се гледа како поројните поплави активирале огромни количества карпи од каменоломот лоциран на ридот над населбата, а населбата Доња Јабланица била срамнета со земја.
Досега во таа населба се откриени тела на 15 загинати, а се трага по уште најмалку пет. Условите за работа на спасувачите се исклучително тешки поради големите наноси од карпи и урнати семејни куќи.
Најавите на Метеоалармот во Босна и Херцеговина не се охрабрувачки, бидејќи за среда е издадено портокалово предупредување за обилни врнежи од дожд во подрачјата кои веќе се погодени од поплави и одрони.