Билатерална средба на Муцунски со шефот на чешката дипломатија Јан Липавски

Во рамки на работната посета на Чешка, министерот за надворешни работи Муцунски во вторникот оствари средба со својот чешкиот колега по должност Јан Липавски. Посетата на шефот на македонската дипломатија на Прага ја одразува посветеноста на земјата кон градење цврсто партнерство, засновано на меѓусебно почитување и заеднички вредности, информираат од Министерството за надворешни работи.

На средбата двете страни го поздравиле „динамичниот и континуиран политички дијалог меѓу двете земји и одличната билатерална соработка која трае веќе 30 години“. Дополнително, биле изразени заемни заложби за интензивирање на економската соработка, а во таа насока, покрај денешниот бизнис форум, беше инициран и голем економски настан кој ќе биде одлична можност за продлабочување на соработката меѓу нашите земји. На средбата стана збор и за низа важни прашања, вклучувајќи трговија, миграција, како и културна и образовна соработка.

Фокусот на разговорите беше ставен и на актуелните геополитички прашања, особено агресијата на Русија врз Украина, при што беше најавено продлабочување на соработката во полето на меѓународното право, се вели до известувањето од МНР.

Министерот Муцунски притоа изразил благодарност за континуираната и јасна поддршка од Република Чешка за пристапниот процес на нашата земја кон ЕУ, рефлектирана и преку нејзината активна улога во Вишеградската група и групата Пријатели на Западен Балкан.