Билбордот за Заев во грчките блогови: За СДСМ е прифатливо име со географска одредница

Грчките интернет портали јавија дека агенцијата „Фич” потврди ББ+ стабилен рејтинг на Македонија. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, порталите информираат дека според “Фич” БДП во Македонија пораснало за 3, 1 %, што најмногу се должи на растот во градежништвото во земјата.

„Во однос на политичката ситуација во земјата, агенцијата вели дека во предвремените парламентарни избори на 27 ми април владејачката партија ВМРО ДПМНЕ на премиерот Никола Груевски ќе ја зголеми моќта во Парламентот”, се вели во текстот на порталот „New Post”.

Претстојните избори во Македонија и натаму се следат со голем интерес кај јужниот сосед чии што медиуми едногласно предвидуваат двојна победа на ВМРО-ДПМНЕ. Според анализите и коментарите во грчкиот печат, иако Грците типуваат на владејачката партија, се чини дека таа не е посакуваниот соговорник во разговорите за името.

Грците се и натаму добро информирани за ставовите на опозициската СДСМ околу проблемот што Атина го има со нашето уставно име, пред се за оние на претседателот на партијата Зоран Заев дека требало “да си ја свиткаме кичмата за името”.

Најпопуларниот блог “Таксалија” пак објави фотографии од билбордите во Македонија со изјавата на Заев дека за СДСМ е прифатливо сложено име со географска одредница.

“ Изборната конфронтација меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се интензивира”, пишува блогот информирајќи дека прашањето за името доминира во Македонија, која што била исполнета со постери од десничарската ВМРО ДПМНЕ на Груевски “која што ја обвинувала опозициската СДСМ за предавство”.

„Постерот користејќи претходна изјава на претседателот на СДСМ Зоран Заев вели ‘Позицијата на СДСМ е многу јасна, за нас е прифатливо име со географска одредница – Зоран Заев’. На овие луѓе не може да им се верува”, пренесува “Таксалија”.