Бирото за развој на образованието го избриша скандалозниот сексуален прашалник

Иако демантираше и ги обвини медиумите дека шират лажни вести, сепак, Бирото за развој на образованието (БРО) одлучи да го избрише документот од сопствената веб-страница, а кој предизвика бура од реакции кај јавноста.

Имено, станува збор за работни листови за средношколци за предметот Образование за животни вештини во кои се хетеросексуалноста се споредува со ментално нарушување.

Па така, ако сега се обидете да го отворите онлајн изданието на скандалозниот прашалник, ќе добиете само порака: „Страницата не постои, обидете се повторно“.

 

Инаку, Бирото за развој на образованието (БРО) претходно реагираше дека скандалозните прашања за хетеросексуалноста кај средношколците не се испишани во учебникот по предметот Образование за животни вештини, туку во изготвениот прирачник за наставници кој бил одобрен уште во 2011 година.

„Наставната програма за Образование за животни вештини не се однесува на наставен предмет, туку може да се реализира на часот на класната заедница со учениците од прва до четврта година во сите видови средно образование (гимназиско образование, уметничко образование и средно стручно образование). Во програмите за средно образование (од прва до четврта година), во темата Здраво живеење има разработено содржини, цели и активности кои се однесуваат на сексуалното здравје. Со оглед на тоа дека Прирачникот (како и работните листови) и наставната програма за образование за животни вештини се изработени пред една деценија, истите ќе бидат предмет на ревизија во наредниот период кога се планира реформа на средното образование согласно нов Закон за средно образование. Имајќи ја предвид, брзината со која се шират сензационалистички и лажни вести на социјалните мрежи, повторно апелираме до граѓаните, а особено до родителите и младите да ги земат со голема доза на претпазливост и да ги проверуваат сите информации што се споделуваат во врска со образованието на младите, а коишто не се официјално потврдени од надлежните институции“, стои во реакцијата.