Додека народот чека ВМРО-ДПМНЕ да почне нешто да работи како власт и да ги исполни изборните ветувања, тие снимаат прес-конференции на кои со драматично изнесување лаги сакаат да ја дефокусираат јавноста од нивните скандали кои ја тресат актуелната власт.
Ова е дел од реакцијата на поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на обвинувањата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека додека ја извршувала функцијата во Владата трошела пари од буџетот за лични потреби и луксузирања.
„За да ја сокријат неспособноста на нивната влада и досегашните злоупотреби на службената положба на нивните коалициски партнери, ВМРО-ДПМНЕ на многу низок начин, со фабрикување лаги се обидува преку поранешни функционери на СДСМ да избегне одговори и одговорност во своите редови“,напиша таа во објава на Фејсбук.
Костадиновска-Стојчевска повика доколку ВМРО-ДПМНЕ има било каква индиција за криминал односно криминално работење од нејзина страна во Министерството за култура, да поведат постапка пред надлежните инстанци.
„Бидејќи нема, затоа ВМРО-ДПМНЕ се реши на прес конференции да лови во матно каде нема ниту едно прекршување на законите и со ширење на невистини. Објавувам еден од доказите дека не сум користела буџетски средства ниту службена картичка за купените куфери. Министерот Љутков и неговиот тим, близок до нивна поранешна министерка позната по купување на брендирани чевли, ташни и фустани, нека се занимаваат со македонската култура наместо да губат време на гуглање на продавници од каде сум купувала за правење драми пред јавноста“,вели Костадиновска-Стојчевска.
Во прилог на реакцијата, таа на Фејсбук објави дел од извод на банкарска сметка.