Не мислам дека СДСМ со тоа што го направи овие три години ќе ја добие поддршката од граѓаните, постои страшно разочарување, а се гледа и во бројките на луѓето коишто велат дека апстинираат. Апсолутно сум убеден дека СДСМ нема да биде победник на овие избори, дека нема да ја формира следната влада, вели новинарот и аналитичар Сафет Бишевац во гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 освну кога се осврна и на случајот „Рекет“.
Во однос на реформите на Владата на Зоран Заев и СДСМ во изминатите три години, Бишевац смета дека тие се катастрофални.
„Од реформите коишто ги бараше Прибе не е исполнето ни’ П’. Значи реформите на Прибе се нула, реформите во здравство нула, реформите во образование катастрофа“, посочи Бишевац.
Бишевац очекува од следната влада да започне со градење на државата онаква каква што заслужуваат и очекуваат граѓаните.
„Од следната Влада очекувам да почне да ја гради оваа држава на начин на кој очекуваат граѓаните“, рече поранешниот пратеник.
Според него, случајот „Рекет 1“ не е приказна која ја смислиле и ја операционализирале само тие Зоран Милески Кичеец, Бојан Јовановски и Катица Јанева.
„Тоа е многу поголема игра во која се покажува од други случаеви дека сериозно влијание имала и политиката и поединци од актуелната владејачка гарнитура“, истакна новинарот и аналитичар Сафет Бишевац во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.
Бишевац посочи дека во моментот кога обвинетите во случајот „Рекет“ сфатиле дека ќе бидат жртвите во целиот случај почнале да ги вадат, како што рече тој, „асови“ од џеб.
„Мислам дека во моментот кога сфатија дека тие ќе бидат жртвувани, практично пред олтарот на правдата, за овој случај и Катица Јанева со своето однесување кон поранешната соработница Стефанова, а мислам дека и Бојан Јовановски со назнаките дека и тој има некакви „асови“ во ракавот, со јавно искажаните ставови за вмешаноста на Вилма Русковска во некаков си тендер од вкупно 4 милиони“, заклучи Бишевац.